Бразилскиот фудбалер Нејмар навести можност за повторно обединување со поранешните соиграчи од Барселона, Лионел Меси и Луис Суарез во Интер Мајами, со што ќе го оживее легендарното трио „МСН“ кое неколку сезони доминираше во европскиот фудбал.
Во ексклузивното интервју за Си-Ен-Ен, Нејмар изрази желба повторно да игра со нив на теренот.
„Се разбира, повторното играње со Меси и Суарез би било неверојатно. Тие се мои пријатели. Сѐ уште разговараме“, изјави тој за американската телевизија.
„Би било интересно да се оживее оваа тројка. Среќен сум во Ал-Хилал. Среќен сум во Саудиска Арабија, но кој знае. Фудбалот е полн со изненадувања“, додаде тој.
Триото Меси, Суарез и Нејмар беше страшна закана за противниците три сезони пред рекордниот трансфер на Нејмар во ПСЖ во 2017 година.
Меси и Суарез останаа заедно уште неколку сезони, тие на крајот се разделија кога Уругваецот се пресели во Атлетико Мадрид.
Сепак, Суарез пак се обедини со Аргентинецот во Интер Мајами во 2024 година, а Нејмар ја продолжува својата кариера во Саудиска Арабија.
Нејмар, најдобриот стрелец на Бразил на сите времиња со 79 гола, поради повреди одигра само седум натпревари за Ал-Хилал од неговиот трансфер од Пари Сен Жермен во 2023 година вреден 90 милиони евра, а договорот му завршува во јуни.
32-годишниот фудбалер зборуваше и за своите амбиции за Светското првенство во 2026 година, признавајќи дека тоа ќе биде неговата последна шанса да игра на турнирот.
„Знам дека ова ќе биде моето последно Светско првенство, мојата последна шанса и ќе направам се што можам за да играм на него“.
На шест кола до крајот на јужноамериканските квалификации, Бразил е петти во поредокот со 18 бодови.
Светското првенство во 2026 година ќе се одржи во 16 градови низ Канада, Мексико и Соединетите Држави, со што првпат турнирот да биде заеднички домаќин од три земји.