Целта на Стојковиќ е пласман на Светското првенство во САД, Мексико и Канада во 2026 година / Photo: Fudbalski savez Srbije

Драган Стојковиќ Пикси останува селектор на „А“ фудбалската репрезентација на Србија, одлучи денеска Извршниот комитет на Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) и покрај елиминацијата на репрезентацијата во групната фаза на Европското Првенство во Германија.

„По деталниот извештај на селекторот на „А“ репрезентацијата на Србија за настапот на Европското првенство во Германија, потврдена е довербата и дадена е максимална поддршка на Драган Стојковиќ во исполнувањето на следните цели пред најдобрата репрезентација, како што е претстојниот циклус натпревари во Лигата на нации каде акцентот ќе биде ставен на играње и подготовка на тимот за квалификациите кои носат пласман на Светското првенство во САД, Мексико и Канада во 2026 година“, соопштија од ФСС, додавајќи:

„Извршниот одбор едногласно го усвои извештајот на тренерот Стојковиќ, кој ги информираше претседателот Драган Џајиќ и членовите на најодговорното тело на нашата фудбалска организација за плановите за наредниот период и за тоа дека веќе во септември ќе има значителни промени во играчкиот кадар на нашата „А“ репрезентација“.

„Одговорно тврдам и стојам зад тоа што играчите го дадоа својот максимум, односно повеќе од своите можности, особено ако се земат предвид долгата и исцрпувачка сезона. Од анализите и егзактните податоци, доаѓаме до заклучок дека никој не нѐ надигра или понижи во ниту еден сегмент од играта, туку напротив, ние бевме тие кои ги теравме противниците да се бранат, а тоа беше случај во сите три натпревари од групната фаза. Ние бевме тие што ја натеравме најскапата селекција и прв фаворит на турнирот, Англија, да се брани во нивните шеснаесет метри повеќе од 70 минути. Горд сум на овој тим и оваа група играчи затоа што покажаа како се игра и се бори за Србија со своето однесување, пристап, посветеност и однос кон обврските. Ако го погледнеме натпреварувачкиот аспект, односно ако го анализираме турнирот и групата во која бевме, можеме да заклучиме дека ситниците го решија нашиот конечен пласман, што го покажува и табелата од групата Ц“, стои во извештајот на Пикси.

Српската фудбалска репрезентација ќе игра во елитната дивизија „А“ од Лигата на нации на УЕФА. Во септември ќе се сретнат со Шпанија во Белград и Данска во Копенхаген.

TRT Balkan / агенции
Популарни