Кошаркарите на Бостон утринава го победија Њујорк со 132:109 во првиот натпревар од новата сезона во НБА.
Бранителот на титулата Селтикс убедливо ги надигра Никс пред сѐ благодарение на феноменалната шутерска вечер. Веќе по првите 12 минути беше 43:24 за Селтикси, тие 19 разлика беа и на полувремето (74:55), за во последните 12 минути да влезат со резултат 113:87, а прашањето на победникот веќе беше решено.
Со 29 тројки, Селтикс го израмнија рекордот во НБА лигата поставен од Милвоки Бакс од декември 2020 година, а дури седум домашни играчи погодија барем една тројка. Бостон ја постигна последната на 8:54 минути пред крајот, но во преостанатото време и покрај очигледната желба да постават апсолутен рекорд, не успеаја да ја погодат и 30-та, ги промашија сите преостанати 13 удари од далечина.
Најдобар во тимот на Бостон беше Џејсон Тејтум со 37 поени, 10 асистенции и четири скока. Дерик Вајт постигна 24 поени, додека Џејлен Браун додаде 23.
Кај гостите најефикасни беа Џејлен Бренсон и Мајлс Мекбрајд кои постигнаа по 22 поени.
Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс ја совладаа Минесота со 110:103. Во победничкиот тим се истакна Ентони Дејвис, кој забележа 36 поени, 16 скока, четири асистенции и три блокади. Руи Хачимура постигна 18 поени, а Леброн Џејмс додаде 16 поени.
Во тимот на Минесота најефикасен беше Ентони Едвардс со 27 поени.
Сепак, стартот на сезоната го одбележа историскиот настап на Леброн Џејмс и неговиот син Брони.
Никогаш досега во речиси 80-годишната историја на НБА, татко и син не играле заедно, а камоли членови на ист тим. Таткото и синот Џејмс не само што се соиграчи, туку веднаш во првиот натпревар имаа можност истовремено да бидат на теренот.
На легендарниот 39-годишен Леброн Џејмс, најдобриот стрелец во историјата на лигата, оваа сезона во дресот на Лејкерси му се придружи и неговиот 20-годишен син Брони, а новиот тренер на тимот Џ.Џ. Редик ги внесе таткото и синот Џејмс во игра на точно четири минути пред крајот на првото полувреме, а тие одиграа 2:41 минути пред да излезе Брони.
„Семејството отсекогаш беше на прво место. Изгубив многу време поради оваа лига и затоа овој момент кога можев да работам со мојот син на работното место е еден од најголемите подароци што сум ги добил од Бога и тоа е зошто ќе се обидам максимално да го искористам“, изјави Леброн Џејмс по натпреварот.