Еден од великаните на НБА, Џери Вест, почина на 87-годишна возраст, објави НБА и Лос Анџелес Клиперс, каде беше консултант од 2017 година.
„Тој почина мирно, а покрај него беше неговата сопруга Карен“, соопшти калифорниската франшиза без да ја открие причината за неговата смрт.
„Тој беше олицетворение на кошаркарската извонредност и пријател на сите што го познаваа“, велат од Клиперс.
Вест освои девет титули во НБА како играч, скаут, тренер, извршен директор и консултант за време на историската кариера која траеше осум децении.
Наречен „Господин Клач“, Вест беше Ол-стар во секоја сезона од неговата 14-годишна играчка кариера во Лос Анџелес Лејкерс, помагајќи му на клубот да ја освои титулата во сезоната 1971-72 година. Беше избран десет пати во првата петорка на лигата и двапати во втората, беше најдобар стрелец и најдобар асистент во лигата, беше избран прво меѓу 35, па 50 и 75 најдобри играчи на сите времиња
Вест беше прогласен за МВП на финалето на НБА во 1969 година и покрај тоа што играше во поразен тим. Во седмиот натпревар постигна 42 поени, но Лејкерси беа поразени од ривалот Бостон Селтикс.
„Џери Вест беше кошаркарски гениј и фигура која ја дефинираше нашата лига повеќе од 60 години. Тој се истакна не само како НБА шампион и Ол-стар во сите 14 играчки сезони, туку и како врвен конкурент кој го прифати најголемите моменти“, објави комесарот на НБА, Адам Силвер.
Вест кариерата ја заврши со просек од над 27 поени по натпревар, во време кога шутот за три поени не постоеше. По пензионирањето како играч во 1974 година, тој беше тренер на Лејкерс од 1976 до 1979 година, потоа влезе во менаџментот и стана генерален менаџер од 1982 година во следните две децении, за време на кои Лејкерси освоија 8 титули помеѓу 1980 и 2002 година. Тој исто така беше еден од клучните луѓе во формирањето на тандемот Шекил О'Нил - Коби Брајант.
Потоа им се приклучи на Голден Стејт Вориорс како член на бордот на директори (2011-2017) со кој освои две титули во НБА, а потоа и на Клиперс во 2017 година.
Тој влезе во Куќата на славните како играч во 1980 година и повторно 30 години подоцна како член на олимпискиот тим на САД во 1960 година. Интересно е што Вест беше инспирација за силуетата на логото на НБА.