Лазар Лечиќ, легендарниот тренер кој се смета за основоположник на професионалната кошарка во Македонија почина синоќа на 85 годишна возраст. Освен во поранешна Југославија, Лечиќ остави значајна трага во кошарката во Грција.
Роден во Скопје на 30 јануари 1939, Лечиќ ја почнал играчката кариера во 1957 во Работнички, но по само неколку години преминал во тренери и во тоа улога извршил големо влијание врз развојот и подемот на кошарката на овие простори. Како тренер водел десетина клубови во Македонија и поранешна Југославија, како Работнички, Борац Чачак, Олимпија Љубљана, Војводина, МЗТ Скопје, но и грчки Арис.
Под негово водство, Работнички во 1975 година стигна до полуфиналето на европскиот Сапорта куп.
Од 1990 до 1992 беше тренер на Арис од Солун, со кој беше шампион на Грција. Тренерската кариера ја заврши во 2000. на клупата на Никол ферт од Гостивар.
Последните две децении беше активен како советник и член на стручниот одбор, а неговите искуства беа драгоцени за сите млади тренери.
Погребот на Лазар Лечиќ ќе се одржи на 14 август на Градските гробишта Бутел од 10:30 часот.
За неговиот квалитет, најдобро зборува податокот што е еден од ретките Македонци кои имаа важна улога во југословенската кошарка. Беше член на стручниот штаб на репрезентацијата на Југославија која во 1970 година стана светски шампион на Мундијалот во Љубљана, како помошник на селекторот Ранко Жеравица.
„Тој секогаш беше многу поразличен од сите нас, човек со многу страст и знаење, кој внесе многу живот во кошарката. Сите ние имаме голем идол во него“, кажа легендарниот грчки кошаркар Панајотис Јанакис на одбележувањето на 80. роденден на Лечиќ на свечен настан во „Александар палас“ во Скопје, кога дојдоа и бројни славни имиња од поранешна Југославија.