Денеска на пладне почнува 136-то издание на Отвореното првенство на Велика Британија во тенис, популарниот Вимблдон.
Годинешното издание е поразлично од ланското. Ова е прво откако Чарлс III стана крал на Обединетото Кралство. На турнирот се враќаат тенисерите и тенисерките од Русија и Белорусија, кои лани добија забрана поради инвазијата во Украина, а годинава и повторно ќе се освојуваат поени за светската ранг-листа.
Новак Ѓоковиќ има седум титули на терените на Ол Ингланд клубот во Лондон, а ако го освои победничкиот трофеј и годинава, ќе се изедначи со Роџер Федерер и ќе му побегне за две титули на Рафаел Надал на листата на тенисери со најмногу гренслем-титули.
Ѓоковиќ ги освои првите два гренслема годинава, а и во Лондон е голем фаворит.
Дерби на првото коло е дуелот на петтиот носител Стефанос Циципас против Доминик Тим, а годинава ќе ги нема ланскиот финалист Ник Кирјос, кој се откажа од учество поради скинат лигамент во зглобот на раката.
Светскиот рекет број еден кај дамите, Ига Швјонтек ја започнува својата потрага по првата титула на Вимблдон денеска со дуел против Кинеската Жу Лин, која победи само на еден натпревар во сингл во четири настапи на Вимблдон.
Легендата на женскиот тенис, Американката Венус Вилијамс денеска во првото коло ќе го има големиот предизвик да се соочи со Јелина Свитолина. Американката која има 43 години и која е петкратната шампионка на Вимблдон не се откажува од идејата да стане и највозрасната тенисерка која некогаш играла на најголемите турнири. Таа денеска ќе се обиде да го направи првото изненадување и да се пробие во второто коло.
Вкупниот награден фонд е 44.700.000 фунти, што е за речиси 11% повеќе од минатата година. Победниците во машка и женска конкуренција во сингл ќе си одат дома побогати за 2.350.000 фунти, а поразените финалисти со чекови вредни 1.175.000 фунти. Самото учество во првото коло носи награда од 55.000 фунти.