Манчестер Сити и Интер на 10 јуни ќе се сретнат во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) на УЕФА на Олимпискиот стадион „Ататурк“ во Истанбул, Туркије. Подготовките на стадионот што ќе биде домаќин на овогодинешното финале се привршуваат.
Олимпискиот стадион „Ататурк“ по 2005 година, по втор пат ќе биде домаќин на големото финале на Лигата на шампионите на УЕФА. Интер на северна, а Сити на јужната трибина
Навивачите на италијанскиот претставник Интер ќе бидат на северната трибина, а навивачите на англискиот великан Манчестер Сити на јужната трибина.
Скоро 500 волонтери ќе бидат ангажирани за време на финалниот натпревар за да бидат на услуга на навивачите.
Канцеларијата на гувернерот на Истанбул и припадниците на полицијата ќе ги преземат потребните безбедносни мерки со цел навивачите безбедно и навремено да пристигнат на стадионот за да уживаат во последниот меч.
Ќе биде организиран и бесплатен превоз до стадионот.
УЕФА претходно соопшти дека околу 72.000 навивачи ќе го следат финалето на Олимпискиот стадион „Ататурк“.
Олимпискиот стадион „Ататурк“ се наоѓа во западниот дел на Истанбул и е најголемиот стадион во Туркије. Стадионот го доби името по првиот турски претседател Мустафа Кемал Ататурк.
Изградбата на стадионот започна во 1999 година, а завршена е во 2002 година.
Стадионот е изграден по повод кандидатурата на Туркије за Олимписките игри.