Натпреварите од фудбалскиот Куп на Италија остана во сенка на нередите пред и по мечот во Џенова по кој десетици завршија во болница, но и покрај тоа фудбалерите на Удинезе, Сампдорија и Чезена вчера изборија пласман во осминафиналето.
Во најинтересниот натпревар на вечерта, Сампдорија како гостин со подобро изведување на пенали го совлада градскиот ривал Џенова со 6:5.
Тоа е првото „Дерби дела Лантерна“ по две години, бидејќи клубовите се во различни класи на италијанскиот фудбал. Џенова моментално е во Серија А, додека Сампа е во пониска класа.
Навивачите се судрија на градскиот мост и надвор од стадионот пред натпреварот.
Ултрасите меѓусебно фрлаа пиротехнички средства, шишиња, корпи за отпадоци и сообраќајни знаци. Интервенираа полицијата и карабинерите, кои употребија водени топови за да ги стават под контрола хулиганите, а навивачите во неколку наврати беа растерани.
Судирите меѓу ривалските навивачи по дербито доведоа до хоспитализација на речиси 40 лица, вклучително и 26 полицајци, соопштија властите во четвртокот.
„Жешко“ беше и на теренот, во текот на мечот беа досудени дури 30 фаули, а судијата Федерико Ла Пена покажа 10 жолти и еден црвен.
Домашните поведоа во деветтата минута со голот на Андреј Пинамонти, но Сампдорија успеа да израмни во 83. минута преку Фабио Борини.
Во последните моменти од натпреварот гостите останаа со играч помалку откако беше исклучен Симоне Ромањоли.
Одлуката за победникот на крајот беше решена со удари од пенали. Првите 10 шута завршија со по едно промашување на двете страни.
Кај Џенова во првата серија промаши Мирети, а на спротивната страна во третата серија Бенедети не постигна гол.
Седмата серија реши, Заноли не постигна гол, а Барека ѝ ја донесе победата на Сампдорија, која во следното коло ќе игра против Рома.
На останатите натпревари Удинезе во Удине ја совлада Салернитана со 3:1, па во осминафиналето ќе гостува кај Интер.
Чезена на гостински терен ја победи Пиза со 1:0 во пресметката на двете второлигашки екипи.
Следен противник на Чезена ќе биде Аталанта.
Вечерва се среќаваат Монца - Бреша и Наполи - Палермо.