Во Куќата на европскиот фудбал во Нион вчера беа извлечени паровите за третото квалификациско коло во трите лигашки натпреварувања на УЕФА- Лигата на шампиони (ЛШ), Конференциската лига и Лига Европа.
Хрватскиот шампион Динамо од Загреб за противник во третото прелиминарно коло на Лигата на шампионите ќе го има грчкиот првак АЕК од Атина, ако ја исфрли казахстанска Астана во второто коло.
Првиот натпревар против Астана е денес во Загреб. Ако загуби од Астана, Динамо, пак, ќе игра во третото претколо од Европската лига против победникот од мечот меѓу бугарскиот шампион Лудогорец и Олимпија од Љубљана кои играат за пласман во третото прелиминарно коло од ЛШ.
Фудбалерите на Хајдук во третото прелиминарно коло од Конференциската лига ќе играат против победникот од дуелот меѓу грчки ПАОК и израелски Беитар. Ако Осијек победи во двомечот против унгарски ЗТЕ, ќе игра против победникот од дуелот меѓу романски Клуж и турска Адана, додека Риека, ако го мине косовскиот Дукаѓини, ќе се соочи со подобриот од двомечот меѓу Торшавн од Фарски Острови и Хаверфордвест Каунти од Велс.
Железничар преку Нефчи на мегдан против Бешикташ или Тирана
Зрињски, шампионот на Босна и Херцеговина игра против Слован од Братислава за пласман во 3. прелиминарно коло од Лигата на шампионите. Ако загубат во двомечот со Словаците, Зрињски ќе го продолжи натпреварувањето во третото прелиминарно коло од Европската лига против поразениот од дуелот Бреидаблик (Исланд) - Копенхаген (Данска).
Железничар и Борац ги дознаа своите потенцијални противници во 3. прелиминарно коло од Конференциската лига. Во 2. прелиминарно коло Сараевските „сини“ играат против азербејџански Нефчи, а доколку го елиминираат, на Грбавица ќе допатува подобриот од мечот меѓу Бешикташ (Туркије) и Тирана (Албанија). Борац од Бања Лука утре го игра првиот натпревар од двомечот со Австрија од Виена. Ако излезе како победник ќе игра против подобриот од двомечот Ородабаси (Казахстан) - Легија Варшава (Полска).
Вицешампионот на Србија, ТСЦ Бачка Топола за противник во третото квалификациско коло од ЛШ ја доби португалска Брага.
Фудбалерите на Партизан во третото квалификациско коло за Конференциската лига ќе играат против победникот од натпреварот РФС (Латвија) - Сабах (Азербејџан), додека Војводина, доколку биде елиминирана од АПОЕЛ, ќе игра против победникот од натпреварот Ворскла (Украина) - Дил Гори (Грузија).
Добра ждрепка за за Струга и Партизани
Македонскиот шампион Струга ТЛ доби одлична ждрепка за 3. коло ако претходно го мине црногорскиот претставник Будуќност. Ако стружани се пласираат во третата рунда натпревари таму ќе се соочат со подобриот од пресметката меѓу ТНС (Велс) и Свифт Хеспер Есперанж (Луксембург).
Екипата на Шкупи, пак, ќе игра против подобриот од пресметката меѓу Хапоел Бер Шева (Израел) и Паневезис (Литванија) во 3. коло од УЕФА Конференциската лига, се разбира ако претходно во втората рунда натпревари го елиминира Левски Софија.
Шампионот на Албанија, Партизани во 3. прелиминарно коло од Лигата на шампионите ќе игра против победникот од двомечот Тре Пене од Сан Марино и Валмиера од Летонија, ако претходно го победи Атлетик Ескалдес од Андора.
Косовскиот шампион Балкани денес игра против Ларне од Северна Ирска. Ако победи во двата меча за противник ќе го има Линколн Ред од Гибралтар.