Модриќ играше за Реал од 77. минута, освојувајќи го 27. трофеј во дресот на Реал, со што стана играч со најмногу трофеи во историјата на „кралскиот клуб“ / Photo: Reuters

Шпанскиот и европскиот првак, Реал Мадрид, го освои Суперкупот на УЕФА за 2024 година, откако во средата во Варшава ја победи Аталанта со 2:0. Шпанскиот гигант бркаше рекордна шеста титула, додека Аталанта, која го освои својот прв европски трофеј во историјата на клубот во мај, се надеваше дека ќе стане првиот италијански тим кој го освоил Суперкупот по Милан во 2007 година, тогаш предводен од сегашниот тренер на Реал. Карло Анчелоти. Италијанскиот стручњак од првата минута на теренот го испрати ударното напаѓачко трио на „кралскиот клуб“ сезонава - Килијан Мбапе, Винисиус Жуниор и Родриго, додека во средниот ред стартуваа Џуд Белингем, Орелиен Чоамени и Федерико Валверде. Очекувано Реал имаше поголем посед, Шпанците беа поактивни, но Италијанците ја имаа првата вистинска шанса. Во 25. минута Де Рун нафрли кон голот, но Милитао несмасно ја удри топката која за негова среќа заврши во стативата. Реал ја имаше единствената вистинска шанса во првото полувреме во судиското надополнување. Винисиус одлично му асистираше на Родриго, кој шутираше од 11 метри и ја погоди рамката од голот. Беа скромни први 45 минути, но продолжението донесе многу подобра игра. Аталанта можеше да поведе во 49. минута. Лукман одлично нафрли, Пашалиќ упати уште подобар удар со глава, но Тибо Куртоа реагираше фантастично. Реал возврати во 56. минута, но Белингем шутираше лошо од работ на шеснаесетникот. Четири минути подоцна Реал сосема заслужено поведе. Винисиус се проби по левата страна, нафрли пред голот каде Валверде лесно погоди за 1:0. Само една минута подоцна Винсиус изби сам пред противничкиот гол, но неговиот удар брилијантно го сопре Мусо. Аргентинскиот голман фантастично реагираше и во 65. минута кога шутираше Белингем. Притисокот на Реал вроди со втор гол во 69. минута, Белингем прекрасно му асистираше во шеснаесетникот на Мбапе, кој го совлада Мусо и го постигна првиот гол во дресот на шпанскиот гигант. До крајот на натпреварот Аталанта се обиде да постигне барем утешен гол, но не успеа.

Капитенот на хрватската репрезентација Лука Модриќ играше за Реал од 77. минута, освојувајќи го 27. трофеј во дресот на Реал, со што стана играч со најмногу трофеи во историјата на „кралскиот клуб“.

Со оваа победа Реал Мадрид стана најуспешниот тим на натпреварувањето со шест титули, минувајќи ги Барселона и Милан. Карло Анчелоти, пак, стана единствениот менаџер кој освоил пет трофеи во Суперкупот.

TRT Balkan / агенции
Популарни