Финалето на Лигата на шампиони ќе се игра на 1 јуни на лондонски Вембли / Photo: Reuters

Во седиштето на УЕФА во Нион денеска се одржа ждрепката за четвртфиналето и полуфиналето од натпреварите во Лигата на шампионите, Лига на Европа и Конференциската Лига.

Спектакуларната четвртфинална двојка во ЛШ ја сочинуваат Реал Мадрид и актуелниот победник Манчестер Сити.

Реал и Манчестер Сити во последните две сезони играа во полуфиналето на Лигата на шампионите, пред две сезони титулата ја освои Реал, додека минатата сезона за прв пат во својата историја славеше Манчестер Сити.

Победникот од таа двојка во полуфиналето ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Арсенал и Баерн Минхен.

Вториот дел од ждрепката дефинитивно е полесен, па во четврт-финалето ќе играат Атлетико Мадрид и Борусија Дортмунд. Победникот од тој натпревар во полуфиналето ќе се соочи со победникот од натпреварот помеѓу ПСЖ и Барселона.

Првите четвртфинални натпревари ќе се играат на 9 и 10 април, додека реваншите се една недела подоцна. Првите полуфинални натпревари се закажани за 30 април и 1 мај, а реваншите една недела подоцна.

Финалето ќе се игра на 1 јуни на лондонскиот Вембли.

Ждрепката за четвртфиналето на Лига на Европа донесе италијанско дерби во кое ќе играат Милан и Рома, тимот кој минатата сезона играше во финалето на ова натпреварување во кое беа поразени од Севиља. Победникот од полуфиналната пресметка меѓу Милан и Рома во полуфиналето ќе игра против победникот од дуелот меѓу Баер, водечкиот тим во Бундеслигата и Вест Хем.

Главниот фаворит на хартија, Ливерпул во четврт финалето ќе игра против Аталанта.

Победникот од тој меч во полуфиналето ќе игра против подобриот од мечот меѓу Бенфика и Марсеј.

Првите четвртфинални натпревари ќе се играат на 11 април, додека реваншот е една недела подоцна. Првите полуфинални натпревари се закажани за 2 мај, а реваншите една недела подоцна.

Финалето ќе се одржи на 22 мај во Даблин.

Олимпијакос и Фенербахче се најдоа во најинтересниот пар од четвртфиналето на Конференциската лига, натпреварување во кое уште осум екипи остануваат во битка за трофејот кој ќе биде подигнат во Атина.

Грција има два претставника во четвртфиналето, а ПАОК за противник го доби Клуб Бриж. Според ждрепката за полуфиналето, двете грчки екипи не можат да се соочат пред евентуалното финале.

Па така победникот од балканското дерби ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Астон Вила и Лил. Последниот четвртфинален натпревар е Фиорентина-Плзен, а победникот на овој дуел во полуфиналето ќе ги одмери силите против подобриот од двомечот меѓу ПАОК и Бриж.

Првите четвртфинални натпревари се играат на 11 април, реваншите се седум дена подоцна. Првите полуфинални натпревари се играат на 2 мај, реваншите се седум дена подоцна.

Финалето се игра на 29 мај во Атина.

TRT Balkan / агенции
Популарни