Бразилските судии одлучија дека поранешниот фудбалер на Милан и репрезентативец на Бразил, Робсон де Соуза, попознат како Робињо, мора да ја отслужи својата деветгодишна затворска казна за силување во Италија во неговата татковина.
Судењето пред Врховниот суд на правдата на Бразил, највисокиот суд во земјата за неуставни прашања, заврши со мнозинска одлука дека италијанската одлука е валидна во Бразил.
Во 2017 година, судот во Милано ги прогласи Робињо и уште петмина Бразилци за виновни за групно силување на 22-годишна девојка откако ја почестиле со алкохол во дискотека. Инцидентот се случил во 2013 година додека Робињо играше за Милан.
Пресудата беше потврдена од Апелациониот суд во 2020 година и од Врховниот суд на Италија во 2022 година.
Четириесетгодишниот Робињо живее во Бразил и секогаш ги негираше овие обвинувања.
Бразил вообичаено не ги екстрадира своите граѓани, па Италија минатата година побара Робињо да ја отслужи затворската казна во својата татковина.
Робињо ќе остане на слобода до крајниот рок за евентуална жалба на пресудата.
Во текот на својата кариера, Робињо играше за врвни тимови, вклучувајќи ги Реал Мадрид и Манчестер Сити.
Робињо за бразилската репрезентација одигра 100 натпревари на кои постигна 28 гола.