Фудбалерот на Манчестер Сити, Родри денеска изјави дека играчите се блиску до одлука за штрајк поради зголемениот број на натпревари, пренесуваат британските медиуми.
„Можам да кажам дека 60 или 70 натпревари не се оптимални за играч во една сезона. Фудбалер може да одигра помеѓу 40 и 50 натпревари на највисоко ниво. Оваа година можеби ќе одиграме вкупно 70 или 80 натпревари во сите натпреварувања. Тоа е премногу“, изјави Родри на прес-конференцијата во пресрет на натпреварот со Интер во првото коло од Лигата на шампионите.
Тој го критикуваше големиот број на натпревари, што го предвидува новиот формат на Лигата на шампионите.
„Ако прашате кој било играч, ќе ви го каже истото. Тоа е општо мислење на играчите, тоа не е само мое мислење. Ако вака продолжи, нема да имаме друг избор. Ние страдаме“, додаде Родри истакнувајќи ја можноста за штрајк.
Фудбалерот на Манчестер Сити истакна дека некој мора да се грижи за здравјето на играчите.
"Не е сè до парите или маркетингот. Има нешто и во квалитетот на шоуто. Јас играм подобро кога не сум уморен. Мораме да се грижиме за себе... Ако луѓето сакаат да гледаат подобар фудбал, мораме да одмориме. Со други зборови, ако се зголеми бројот на натпревари, нивото и квалитетот се намалуваат“, рече Родри.
Фудбалерите на Манчестер Сити утре од 21 часот го пречекуваат Интер во првото коло од Лигата на шампионите која во новиот формат започнува вечерва, а натпревари ќе се играат и во четврток.