Португалецот Рубен Аморим е назначен за главен тренер на Манчестер Јунајтед, објави во петокот англискиот премиерлигаш.
Аморим (39) ќе го преземе кормилото на клубот на 11 ноември и ќе остане со „црвените ѓаволи“ до јуни 2027 година, се вели во соопштението.
Како оштета за Аморим, Манчестер јунајтед на Спортинг Лисабон ќе ја плати клазулата во износ од 11 милиони евра.
Руд ван Нистелрој ќе ја продолжи својата должност како привремен менаџер до доаѓањето на Аморим.
Манчестер Јунајтед го отпушти холандскиот тренер Ерик тен Хег во понеделникот по поразот од Вест Хем (2:1) викендов.
Назначен во април 2022 година, Тен Хег го предводеше Манчестер Јунајтед до два домашни трофеи - Лига купот во 2023 година и ФА Купот во 2024 година.
Холанѓанецот ги водеше „црвените ѓаволи“ на 128 натпревари, забележа 72 победи, 20 ремија и 36 порази.
Тренерот на Спортинг Лисабон, Аморим, помина една недела како практикант во Манчестер Јунајтед за време на ерата на менаџерот Жозе Мурињо помеѓу 2016 и 2018 година.
Toj освои две титули во португалската лига со Спортинг Лисабон во сезоните 2020-21 и 2023-24, a помеѓу двете титули помина како тренер една сезона во Брага, уште еден португалски клуб.
На Спортинг му ја донесе првата шампионска титула по пауза од 19 години и важи за еден од најперспективните млади тренери во Европа.