Синер во петок во полуфиналето ќе се соочи со Британецот Џек Дрејпер / Photo: Reuters

Јаник Синер обезбеди место во своето прво полуфинале на УС Опен во четвртокот, победувајќи го Даниил Медведев во тежок меч на стадионот Артур Еш.

Синер, светскиот рекет број 1 го доби четвртфиналето со 3:1 во сетови (6:2, 1:6, 6:1 и 6:4), a oдлучувачки беше тоа што Медведев направи 57 неизнудени грешки.

„Беше многу тешко. Се познаваме доста добро. Игравме во Австралија оваа година, а потоа во Лондон. Знаевме дека ќе биде многу физички“, изјави Синер по натпреварот.

Говорејќи за текот на натпреварот, Синер забележа како моментумот се менувал по првиот брејк во секој од воведните сетови.

Со оваа победа, Синер станува третиот Италијанец што стигнал до полуфиналето на УС Опен во Опен ерата, придружувајќи им се на Корадо Баразути (1977) и Матео Беретини (2019).

Синер во петок ќе се соочи со 25-от носител Џек Дрејпер, каде со победа ќе обезбеди неговото место во финалето.

Дрејпер, 22-годишниот британски тенисер, продолжува да ужива на најдобриот турнир во кариерата.

Тој во четврт-финалето убедливо го победи 10-от носител Австралиецот Алекс Де Минаур со 6:3, 7:5, 6:2.

До овогодинешниот УС Опен, Дрејпер никогаш не успеал да се пласира во втората недела на ниту еден Грен слем турнир во кариерата, но против Де Минаур не направи ниту еден погрешен чекор од почетокот до крајот на мечот.

Доминираше со жестоки удари од основната линија на кои Австралиецот немаше одговор.

Де Минаур имаше мала шанса во вториот сет. Тој го врати брејкот и од 2:4 дојде до 4:4, но по 5:5 загуби уште два гема во низа. Потоа Дрејпер фуриозно го почна третиот сет и без проблем се пласираше во полуфиналето.

Претходно својот полуфинален меч на УС Опен го обезбедија американските тенисери Тејлор Фриц и Френсис Тиафо.

TRT Balkan / агенции
Популарни