Неколкукратниот светски првак е доведен во ситуација да мора да ја совлада Костарика во групата Е за да може да се надева на следната фаза         Фото: Ројтерс

На светското фудбалско првенство во Катар денеска се играат натпреварите од третото коло во групите Е и Ф. Во групата Ф Хрватска од 16:00 часот игра против Белгија. Во истиот термин ќе се сретнат Мароко и Канада.

Хрватска е прва на табелата со четири бодови. Мароко на втората позиција исто така има четири бодови, Белгија е трета со три, а Канада е последна без бодови.

Во групата Е во 20:00 часот ќе играат Јапонија против Шпанија и Германија против Костарика. Шпанија е прва на табелата со четири бодови. Јапонија и Костарика имаат по три. Германија е последна со еден бод. Неколкукратниот светски шампион денеска мора да извојува победа ако сака да се надева на пласман во следната фаза.

Синоќа во групата Ц пласман во осминафиналето обезбедија Аргентина и Полска. Аргентина во меѓусебниот дуел ја совлада Полска со 2:0. Мексико беше подобар од Саудиска Арабија со 2:1. Аргентина оди во осминафиналето како прво пласиран. Полска и Мексико имаат ист број бодови, но Полска ќе игра понатаму поради подобрата гол разлика.

Во Групата Д репрезентацијата на Тунис направи големо изненадување и ја победи Франција со 1:о, но тоа беше недоволно за следната фаза. Во другиот натпревар Австралија ја совлада Данска со 1:0. Во осминафиналето одат Франција и Австралија.

TRT Balkan / агенции
Популарни