Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини денеска го посети седиштето на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) во Нион, Швајцарија, на покана на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
„Физичкиот напад врз нашиот претседател и последните настани во нашата земја беа причина за итна средба со претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, која ја закажа веднаш по натпреварот со Ерменија, а откако УЕФА доби информација за мешање на политиката во работата на федерацијата, што го загрозува нејзиниот интегритет“, соопштија вечерва од Фудбалската федерација на Македонија.
Сејдини, како што се наведува во соопштението, „од прва рака и детално го информирал претседателот на УЕФА за ситуацијата, а УЕФА изразила силна поддршка за заштита на Фудбалската федерација на Македонија и нејзиниот интегритет“.
Вчера УЕФА и ФИФА заеднички испратија писмо до Фудбалскиот сојуз на Македонија со барање за што поскоро средба со владините претставници, истакнаа од федерацијата.
Од ФФМ, исто така, изјавија дека веднаш испратиле писмо до Владата на Република Северна Македонија во очекување на датумот на бараната средба.
„УЕФА и ФИФА се непоколебливи во намерата да го задржат интегритетот на фудбалот и федерацијата“, велст од федерацијата.
Чеферин му честиташе на Сејдини, кој кон крајот на септември беше физички нападнат пред ресторан во Скопје, за првото место на фудбалската репрезентација на Северна Македонија во групата „4“ од Лигата на нации на УЕФА „Ц“.