УЕФА и сојузниците: И понатаму сме против проектот Суперлига     Фото: АА / Photo: AA

Европската фудбалска унија (УЕФА) и претставниците на најважните европски лиги, синдикатот на фудбалерите и навивачите вчера на состанокот во Нион уште еднаш потврдија дека се против проектот за европска Суперлига.

Состанокот е одржан во седиштето на УЕФА на барање на компанијата А22 Sports, која неодамна го презеде „пропаднатиот“ проект за Суперлига.

На состанокот, со челниците на УЕФА предводени од Александар Чеферин учествуваа и претставници на англиската Премиер лига, на шпанската Примера, италијанската Серија А, германската Бундеслига и француската Лига 1, претставници на одредени европски клубови, фудбалскиот синдикат ФИФПРО, како и претставници на Европската организација на фудбалски навивачи.

УЕФА соопшти дека сите тие „заеднички истакнале дека нивното противење на самопрогласената Суперлига и денес е еднакво силно како што беше пред април 2021“.

„Во согласност со единството на европскиот фудбал, УЕФА и останатите актери уште еднаш во текот на дебатата едногласно ги отфрлија аргументите кои стојат зад проектот каков што е Суперлига“, се наведува во соопштението.

„Учесниците беа изненадени со тврдењата на извршниот директор на A22 Sports дека нивната компанија не претставува ниту еден клуб ниту во кое својство, вклучувајќи три клуба кои продолжија да го поддржуваат проектот“, се додава.

Реал Мадрид, Барселона и Јувентус се клубовите кои продолжија да веруваат во проектот Суперлига, кога го напуштија сите останати кои требаа во него да учествуваат.

„УЕФА и фудбалските актери остануваат посветени на темелите на европскиот фудбал, кои се засновани на отвореност, солидарност и вредностите и служат на пошироки цели на спортските принципи и општествениот интерес, а не на себичните и привилегираните“, наведоа од УЕФА.

Од компанијата A22 Sports поинаку го доживеаа состанокот на кој нивните тројца претставници беа соочени со голем број од спротивставената страна.

„Она што дознавме на овој состанок е дека моменталната ситуација е она што ја задоволува УЕФА“, наведе извршиот директорот на компанијата Берн Рајхарт кој потсети дека монополската положба на кровната фудбалска организација е моментално предмет на процеси пред Европскиот суд на правдата, кој својата пресуда ќе ја објави кон почетокот на 2023 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни