Европската фудбалска федерација (УЕФА) на заседавањето на Извршниот одбор во Нион одржано вчера, на 25 јануари, воведе промени во системот на натпреварување на Лигата на нации кое ќе стапи во сила во септември 2024 година.
Според досегашниот формат на Лигата на нации, пласман на фајнл-форот изборија победниците од групите од елитната класа на Лигата А. Така, Хрватска која беше најдобра во групата 1 се избори за завршниот турнир на кој во полуфиналето на 14 јуни ќе игра против Холандија, додека во второто полуфинале ден подоцна ќе играат Италија и Шпанија. Финалето и натпреварот за третото место ќе се играат на 18 јуни.
Меѓутоа, од идното издание на Лигата на нации 2024/25 година се воведува четвртфинале во кое победниците и второпласираните од групата на Лигата А во март ќе играат меѓусебно дома и во гости, а победниците на тие натпревари ќе се квалификуваат за фајнл-фор.
Дојде до промена и во пониските лиги. Како дел од промена на форматот, ќе се воведе и доигрување за промоција/испаѓање, при што третопласираните репрезентации од Лигата А ќе играат против второпласираните од Лига Б, а третопласираните од екипата Лига Б против второпласираните од Лига Ц. Натпреварите ќе се играат дома и во гости, со тоа што победниците одат во повисока, а поразените во пониска лига.
Останува исто дека во Лигата Б,Ц и Д победниците од групите напредуваат, додека последнопласираните екипи од групите А, Б и Ц испаѓаат во понизок ранг. Со оглед на тоа што Лигата Ц има четири групи, додека Лигата Д има само две, двете најслабо рангирани екипи во Лигата Ц автоматски ќе испаднат.
„Воведувањето на Лигата на нации на УЕФА беше успешна приказна, бидејќи пријателските натпревари беа заменети со натпреварувачки натпревари. И сега, со воведувањето на новата нокаут фаза, тимовите ќе добијат уште повеќе можности за напредок, а притоа ќе го задржат истиот број на натпревари во рамките на меѓународниот календар на натпревари“, изјави претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
Промени имаше и во форматот на квалификациите за ЕУРО и европските квалификации за СП. Според новите правила ќе бидат извлечени 12 групи по четири и пет репрезентации.
Победниците на групите ќе се квалификуваат директно за Европско првенство или Светско првенство, додека второпласираните тимови или директно ќе се квалификуваат или ќе учествуваат во натпреварите од плеј-офот (со тимовите од Лигата на нации за квалификациите за УЕФА ЕУРО). Новиот формат ќе се имплементира по УЕФА ЕУРО 2024 година.
На заседавањето на Извршиот одбор на УЕФА, донесена е одлука на рускиот Казањ да му се одзеде домаќинството на европскиот Суперкуп 2023. Наместо во Русија ќе се игра во Атина во среда на 16 август.