УЕФА воведува усовршена технологија за одредување офсајд     Фото: АА (Архива)

Европската фудбалска федерација (УЕФА) најави воведување на полуавтоматска технологија за одредување офсајд, односно недозволена позиција , која ќе биде претставена во Суперкупот и ќе се користи во Лигата на шампионите во текот на сезона 2022/2023.

„УЕФА е во постојана потрага по нови технолошки решенија за да се унапреди играта и да се помогне во работата на судиите. Овој иновативен систем ќе им овозможи на ВАР тимовите побрзо да донесуваат одлуки поврзани со офсајд со што ќе се сочува текот на играта“, рече шефот на судиите при УЕФА Роберто Росети.

Технологијата ќе може да ги реши спорните офсајд ситуации со брзина и точност незамислива пред помалку од десет години. Со користењето на камерите поставени околу терените, кои можат да следат 29 различни точки на телото на играчите и чип во топката за натпревар технологијата SAOT ќе помогне во донесување на одлуките и ќе го намали времето потребно за проверка.

Сензорот внатре во топката испраќа податоци 500 пати во секунда, овозможувајќи прецизно откривање на точката на ударот за одлуките за офсајд.

Новиот систем би требало да го скрати просечното време потребно за донесување одлука за офсајд од 70 на 25 секунди. Стариот ВАР систем бараше рачно цртање на офсајд линиите и пресметување на ударната точка. УЕФА откри дека SAOT технологијата е тестирана 188 пати.

„Системот е спремен за користење на официјалните натпревари и имплементиран е на секое место на Лигата на шампионите“, додаде Росети.

SAOT системот ќе има премиера во финалето на европскиот Суперкуп на 10 август помеѓу Реал Мадрид и Ајтрахт Франкфурт во Хелсинки.

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) кон почетокот на јули најави дека SAOT ќе се користи и на овогодишното Светско првенство во Катар.

„Свесни сме дека понекогаш должината на проверувањето или прегледувањето е предолго, посебно во поглед на офсајдот“, рече тогаш Пјерлуиџи Колина, претседателот на одборот на судии на ФИФА.

HINA
Популарни