Во првата фаза од турнирот ќе се играат по три натпревари дневно од  15, 18 и 21 часот / Photo: AA

Со натпреварот меѓу Германија и Шкотска (21 часот) вечерва во Минхен започнува Европското првенство во фудбал, 17-то по ред.

На турнирот по трет пат во историјата учествуваат 24 репрезентации. Во осминафиналето ќе се пласираат тимовите кои ги освоиле првите две места во групите, како и четирите најдобри од шесте третопласирани селекции.

Единствен официјален дебитант е Грузија, додека Италија ја брани титулата. Азурите триумфираа на ЕП 2021 во Англија, кое поради пандемијата се одложи за една година и тоа против домаќинот на пенали.

Германската селекција предводена од Франц Бекенбуер ја освои светската круна во 1974 година на домашен терен во финалето во Минхен, но потоа на Евро 1988 и СП 2006 не успеаја да стигнат до крај, иако беа одлични организатори.

Од сите 16 одиграни Европски првенства досега, само во три наврати победила домашната селекција, а последен пат тоа го направила Франција во далечната 1984-та година.

Покрај Франција во 1984-та година, шампиони како домаќини биле и Шпанија во 1964-та и Италија во 1968-ма година, додека на сите 13 други турнири, домаќинот „паѓал“ на патот до финалето, или во финалето.

Најсвежи примери ни се оние последните, бидејќи Англија како ко-домаќин загуби во финалето на „Вембли“ од Италија пред три години, а лошо помина и Франција на домашен терен во финалето со Португалија во 2016-та година. Во сеќавање е и финалето кое се играше во Португалија, каде истоимената селекција како домаќин загуби од Грција во финалето во 2004-та година.

Гледачите на стадионите, но и оние кои ќе гледаат на телевизија, ќе имаат можност да ја запознаат новината во ВАР системот. На стадионите во Германија за првпат судиите ќе ја образложуваат одлуката која ја донеле откако гледале ВАР ситуација.

Во првата фаза од турнирот во работните денови ќе се играат по два натпревари дневно во термините од 18 и 21 часот, а за викендите уште еден натпревар плус во 15 часот.

Решавачките натпревари во секоја група ќе се играат во ист термин, односно во 21 часот.

Освен во Минхен и Гелзенкирхен, натпреварите ќе се играат во уште осум градови, а финалето е на 14 јули во Берлин.

Домаќини се уште Дортмунд, Франкфурт, Штутгарт, Хамбург, Дизелдорф, Келн и Лајпциг.

Состав на групи:

Група А: Германија, Шкотска, Унгарија - Швајцарија.

Група Б: Шпанија, Хрватска, Италија, Албанија.

Група Ц: Англија, Србија, Данска, Словенија.

Група Д: Франција, Полска, Холандија, Австрија.

Група Е: Белгија, Словачка, Романија, Украина.

Група Ф: Португалија, Туркије, Чешка, Грузија.

TRT Balkan / агенции
Популарни