Алтун: Некои веруваат во корист од продолжување на војната во Украина     Фото: АА

Има актери кои веруваат дека би било добро за нив војната (во Украина) да трае што е можно подолго. Тие сметаат дека „доколку војната продолжи, Русија ќе ослабне“ и ќе им дадат поддршка на Украинците само колку да се продолжи војната. Туркије (Турција) никогаш не била, ниту ќе биде една од нив. Мора да веруваме во мир и да се стремиме кон мир, изјави Фахретин Алтун, шефот на Канцеларијата за комуникации при турското Претседателство.

Пред третиот турско-италијански меѓувладин самит што ќе се одржи на 5 јули, Алтун даде интервју за италијанскиот весник „Ил Месаџеро“.

Тој нагласи дека целта на Туркије во сите околности за време на руско-украинската војна е да придонесе за праведен мир.

Потсетувајќи дека Туркије прави напори да обезбеди мир во Украина и на прашањето дали е можно да се стави крај на војната и да се склучи мировен договор, Алтун рече дека неговата земја има посебна позиција и дека под силно водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган се обидува да ја искористи таа моќ за мир од почетокот на украинската криза.

Изјавувајќи дека со спроведувањето на Конвенцијата од Монтре со почетокот на војната во Украина, Туркије го запрела преминувањето на воените бродови во Црното Море, Алтун исто така истакна дека доставена е и значителна количина хуманитарна помош до народот на Украина.

„Денес, кога актерите кои сакаат да ја легитимизираат својата позиција критикувајќи ја Туркије, додека не правеа ништо за Украина ние бевме таму. Фактот што илјадници Украинци избегаа од војната и ги донесоа своите семејства и компании во Туркије е најконкретен показател за довербата кон Туркије. Сите овие фактори ни овозможуваат да разговараме и со Украина и со Русија. Како стабилизирачки фактор, одговорноста на Туркије во овој процес беше да ги држи отворени каналите на дијалог меѓу страните“, рече Алтун, додавајќи:

„Како што знаете, за првпат ги собравме министрите за надворешни работи на двете земји на маргините на Форумот за дипломатија во Анталија. Целта на Туркије е да придонесе за праведен мир во сите околности. Од друга страна, има актери кои веруваат дека би било добро за нив војната (во Украина, заб. ав.) да трае што е можно подолго. Тие мислат дека, ако војната продолжи, Русија ќе ослабне и им даваат поддршка на Украинците доволно за да се продолжи војната. Туркије никогаш не била, ниту ќе биде една од нив. Мора да веруваме во мир и да се стремиме кон мир.“

„Продолжуваме да работиме за праведен мир“

На прашањето од новинарите „Дали мислите дека Европската Унија и САД треба да престанат да ѝ даваат оружје на Украина?“, Алтун одговори:

„Треба да им го поставите ова прашање на претставниците на Европската Унија и на американските претставници. Тука е важно сериозните, искрени и реални напори да имаат предност пред слоганите и насловите. Државите не можат да ги одредат своите политики врз основа на напишаното на социјалните мрежи.“

Истакнувајќи дека Туркије отворено нагласува дека територијалниот интегритет и политичкото единство на Украина треба да се зачуваат во секоја прилика, Алтун додаде:

„Рековме дека отворањето на дебатите за границата ќе донесе само крв, солзи и уништување. Во исто време, ние продолжуваме да работиме за праведен мир.“

Запрашан дали санкциите се добар начин да се запре рускиот претседател Владимир Путин, Алтун рече дека прашањето за санкциите е сериозно политизирано во последните години.

„Знаете дека и Туркије е подложена на некои санкции со тривијални изговори и политички мотиви. Всушност, некои политички мотивирани санкции се наметнати на нашата одбранбена индустрија, што Западот денес ја фали. Поради оваа причина, ние веруваме дека санкциите ќе бидат значајни и легитимни само доколку се решаваат под покровителство на Обединетите нации“, рече Алтун, додавајќи:

„Денес Европската Унија зборува најмногу за санкции против Русија. Но, откако започна војната, тие платија стотици милијарди евра сметки за енергија. Не можам да ѝ кажам ниту збор за Грција, која го транспортира најголемиот дел од руската нафта во светот. Згора на тоа, во овој критичен период, грчката јужна страна на НАТО е со вооружување на островите во Егејското Море со кршење на меѓународното право. Западот треба да стави крај на овој амбивалентен став пред да ги очекува резултатите од одредени потези.“

Членството на Шведска и Финска во НАТО

Едно од прашањата се однесуваше и на ставовите на Туркије за членството на Шведска и Финска во НАТО, на што земјата се противи.

„За нас членството на Шведска и Финска во НАТО е прашање што ги засега само Шведска и Финска, доколку овие земји, кои се неутрални долги години, бидат примени во НАТО, ние ќе се обврземе да ги браниме според член 5. Затоа мораме да видиме дека овие земји ги имаат прецизно дефинирано вредностите и целите на НАТО, а во исто време се цврсто посветени на безбедноста на турскиот народ. Еден од приоритетите на нашата алијанса е борбата против тероризмот. Иако е на списокот на терористички организации на Европската Унија, ПКК не е спречена да собира пари, да регрутира милитанти и да спроведува пропаганда во земјите. Исто така тие пружаат сигурно засолниште за ЈПГ, сирискиот огранок на ПКК и ФЕТО, кој направи обид за државен удар во Турција. Не можеме да се согласиме на членство на Шведска и Финска во НАТО додека не се увериме дека по овие прашања се преземени трајни и конкретни чекори“, рече Алтун.

Заеднички интереси на Туркије и Италија

Запрашан што можат да направат Италија и Туркије заедно за економските, воените и бегалските прашања, Алтун рече дека како две медитерански земји членки на НАТО се соочуваат со слични проблеми и дека има многу области на соработка меѓу двете земји.

„Во заеднички интерес на Туркије и Италија е да се борат против нерегуларната миграција и да го одржат мирот и стабилноста во Источниот Медитеран“, заклучи Алтун.

AA
Популарни