Три последователни силни земјотреси со јачина од 5,7, 6,1 и 7,6 степени ја погодија Јапонија, предизвикувајќи предупредување за цунами.
„Во околу 16:18 часот (по локално време) се случи земјотрес. Епицентарот беше во Ното во префектурата Ишикава, а забележан е максимален сеизмички интензитет од над 5 степени. Не приближувајте се до опасните области каде што потресот беше јак“, соопшти Јапонската метеоролошка агенција на социјалната платформа X.
„Во моментов е објавено големо предупредување за цунами во Ното, префектурата Ишикава“, нагласи метеоролошката агенција.
Предупредувања за цунами беа издадени и за префектурите Ниигата, Тојама, Јамагата, Фукуи и Хјого долж брегот на Јапонското Море, соопшти јапонската телевизија „NHK World“.
Според соопштеното, сите жители во близина на крајбрежната линија се замолени веднаш да го напуштат подрачјето.