Покрај островот Тајван, предупредувања за цунами беа издадени и во Кина и околните земји / Photo: Reuters

Најмалку четири лица загинаа, а повеќе од 700 се повредени во силниот земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала што рано утринава го погоди Тајван.

Ова е најсилниот земјотрес што го погодил овој остров во последните 25 години, пренесуваат агенциите.

Американскиот геолошки институт (УСГС) објави дека епицентарот на земјотресот бил на 18 километри јужно од градот Хуалиен.

Земјотресот, кој е регистриран на длабочина од 34,8 километри, предизвикал материјална штета во населените места во регионот, а според првичните информации животот го загубиле четири лица.

Земјотресот предизвика уривање на неколку згради во Хуалиен, градот најблиску до епицентарот, каде што се во тек спасувачките операции.

Речиси 80 луѓе се затрупани во урнатините, а некои се заробени во згради и тунели низ градот

Тајванската метеоролошка управа (ЦВА) објави дека земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала е регистриран на 25 километри јужно од Хуалиен на длабочина од 15 километри.

Според податоците на ЦВА, ова е најсилниот земјотрес што го погодил Тајван во последните 25 години и издаде предупредување за цунами за северните региони на островот.

Покрај островот Тајван, предупредувања за цунами беа издадени и во Кина и околните земји.

Кинескиот центар за предупредување од цунами издаде црвено предупредување, највисоко ниво на системот за предупредување на четири нивоа.

УСГС објави дека вториот земјотрес со јачина од 6,4 степени е регистриран 20 минути по првиот земјотрес, 11 километри североисточно од Хуалиен, на длабочина од 12,6 километри.

Според податоците на УСГС, регистрирани се уште 16 земјотреси со јачина од 4,7 до 5,7 степени.

Тајванскиот лидер Цаи Инг-вен изрази загриженост за штетите предизвикани од земјотресот и и наложи на војската да ги поддржи спасувачките напори во Хуалиен и други региони.

Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА) издаде предупредување за цунами кое би можело да достигне висина од три метри за островите Окинава и Мијако во југозападна Јапонија.

Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија предупреди дека крајбрежните области треба да се евакуираат поради опасност од цунами.

TRT Balkan / агенции
Популарни