Лидерот на ФПА, Кикл пред изборите вети дека ќе ги депортира барателите на азил и дека ќе престане да ја поддржува одбраната на Украина од Русија / Photo: Reuters

Екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО) победи на парламентарните избори во неделата, што е прва победа на екстремната десница на австриските парламентарни избори по Втората светска војна, но неизвесно e дали ќе успее да формира владејачка коалиција.

Според прелиминарните резултати, ФПО освоила 29,2 отсто од гласовите, Австриската народна партија (ОВП) на канцеларот Карл Нехамер добила 26,5 отсто од гласовите, а централно-левичарската Социјалдемократска партија 21 отсто од гласовите.

Владата во заминување - коалиција на партијата на Нехамер и Зелените - го загуби мнозинството во Долниот дом на Парламентот.

Лидерот на ФПО Херберт Кикл, поранешен министер за внатрешни работи и долгогодишен стратег кој е на чело на таа партија од 2021 година, сака да биде канцелар, но ќе мора да најде коалициски партнер за да обезбеди парламентaрно мнозинство.

Меѓутоа, лидерите на спротивставените партии најавија дека немаат намера да соработуваат со Кикл во новата влада.

Ројтерс наведува дека Кикл би можел да има најголеми шанси за партнерство со ОВП, која како него сака да воведе построги регулативи за имиграција.

Кикл (55) пред изборите ветил дека ќе ги депортира барателите на азил и дека ќе престане да ја поддржува одбраната на Украина од Русија.

Вчера Нехамер повтори дека нема да го назначи Кикл за канцелар во коалициската влада, додека Кикл вети дека нема да ѝ ја предаде највисоката функција на Австриската народна партија доколку ги победи.

Тој рече дека ќе го следи политичкиот модел на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Лидерот на социјалдемократите Андреас Баблер вчера изјави дека би бил подготвен да размисли за коалиција со Нехамер.

Во Австрија преговорите за формирање на владејачка коалиција традиционално траат со месеци, а не со недели, па преговорите би можеле да се прошират до следната година.

TRT Balkan / агенции
Популарни