Австрискиот пазар на домување страда од расна дискриминација особено за луѓето со муслиманско потекло, покажува студијата нарачана од Омбудсманот за еднаков третман.
На почетокот на 2023 година, на 157 огласи во големите австриски градови Грац, Виена, Инсбрук и Линц им беше пишано од два лажни профила, објави јавниот радиодифузен сервис ОРФ повикувајќи се на студијата.
Првиот профил „Мухамед Асиф“ добил термин за разгледување само во 50 отсто од случаите.
Вториот профил со фиктивно име „Мајкл Грубер“, кој секогаш се јавувал веднаш по „Асиф“, секогаш добивал термин.
„Луѓето што се дискриминирани надвор од работното место поради нивната етничка припадност најчесто ни го пријавуваат тоа во врска со потрагата по стан“, изјави за ОРФ
Сандра Констацки, раководителката на истражувањето.
„Бидејќи индивидуалните случаи честопати тешко се докажуваат, сакавме да ја искористиме оваа студија за да покажеме колку често се случува дискриминација на пазарот на домување“, додаде таа.
На тест-јавувачот „Асиф“ во 18 отсто од неговите повици му било кажано дека станот е веќе земен, додека во 4 отсто од неговите повици му било кажано дека моментно нема слободни термини за разгледување.
Според Констацки, оние што ги издаваат становите користат лажни изговори при одбивањата бидејќи апликантот со австриско презиме „Грубер“ добил ветување за издавање на станот само два часа подоцна во некои случаи за исти станови.
„Но, исто така, и иако директно не е одбиен, на 'Асиф' му беше потешко да најде стан“, рече Констацки.
Така, во 34 отсто од случаите, во кои не е директно кажан датум, на „Асиф“ му се барани дополнителни документи. Во 25 отсто од случаите е побарано дополнително писмено барање.
Апликантот „Грубер“, пак, од друга страна, на сите повици директно добивал термин за разгледување на станот.