Азербејџан: Ерменија го одлага потпишувањето на мировниот договор        Фото: АА

Со редовно отворање оган врз азербејџанските позиции на границата, Ерменија се обидува да го одложи потпишувањето на мировниот договор, изјави денес претставник на азербејџанското Министерство за одбрана.

„Главната цел на редовното гранатирање на позициите на азербејџанската Армија од ерменска страна е да се одложи потпишувањето на мировниот договор, како и големите градежни работи и обновата на ослободените територии“, изјави Хусеин Махмудов, шеф на Одделот за меѓународна воена соработка на Министерството за одбрана на Азербејџан.

Махмудов рече дека со минирање на азербејџанските територии и патишта, Ерменија покажува однесување спротивно на трилатералната декларација потпишана од Баку, Ереван и Москва на 10 ноември 2020 година.

„Ова е доказ што го потврдува воениот авантуризам и реваншистичкиот став на Ерменија“, рече тој.

Потенцирајќи дека Азербејџан е посветен на обврските од трилатералната декларација, Махмудов истакна дека неговата земја е заинтересирана за воспоставување мир во регионот преку почетокот на демаркацијата и разграничувањето.

Тој додаде дека на територијата на регионите Калбаџар и Лачин биле откриени 1.390 противпешадиски мини од типот ПМН-Е произведени во Ерменија од 2019 до 2021 година.

„Военото и политичкото раководство на Ерменија ја сносат целата одговорност за тензиите, конфронтациите и загубите предизвикани од големите провокации“, посочи Махмудов.

Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека ерменската Војска синоќа извела провокации во насока на Дашкесен, Келбаџар и Лачин.

Како што се наведува, азербејџанската Армија ги презела неопходните мерки за да го стиши огнот на Ерменските вооружени сили и да спречи ширење на конфликтот. Се додава дека се забележани загуби кај ерменските воените сили и опрема.

Во соопштението се наведува дека управата на Ереван е целосно одговорна за судирот и загубите.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан изјави дека интензитетот на конфликтот со Азербејџан утринава е намален, а според податоците на Министерството за одбрана на Ерменија, досега загинале 49 лица.

AA
Популарни