Американскиот претседател Џо Бајден изјави во понеделникот дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не прави доволно за да обезбеди договор за заложниците со Хамас.
Бајден, исто така, рече дека верува оти конечниот договор за ослободување на затворениците што ги држи палестинската група е „многу блиску“.
Претходно „Вашингтон пост“ објави дека САД планираат да претстават конечен договор за прекин на огнот „земи или остави“ во наредните недели.
Неименуван претставник на администрацијата на Бајден рече дека тоа би можело да означи крај на разговорите предводени од САД, ако двете страни не го прифатат договорот.
Изјавата на Бајден дојде два дена по извлекувањето на телата на шестмина израелски затвореници во Газа, што предизвика протести против владата на Нетанјаху минатиот викенд.
Израел проценува дека палестинската група Хамас сè уште држи повеќе од 100 затвореници во Газа, а некои се верува дека се веќе убиени.
Со месеци, САД, Катар и Египет се обидуваат да постигнат договор меѓу Израел и Хамас за да обезбедат размена на затвореници и прекин на огнот и да дозволат хуманитарна помош да влезе во Газа. Но, напорите за посредување заглавија поради одбивањето на Нетанјаху да ги исполни барањата на Хамас за прекин на војната.
Во израелската војна во Газа од 7 октомври минатата година, загинаа повеќе од 40.700 Палестинци, главно жени и деца, а 94.100 беа ранети.
Постојаната блокада на енклавата доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а голем дел од енклавата е во урнатини.
Израел се соочува со обвиненија за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.