Американскиот претседател Џозеф Бајден е позитивен на Ковид-19, соопшти вчера Белата куќа. Прес секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, рече дека Бајден има благи симптоми и почнал да зема „паксловид“, антивирусен лек чија цел е да се намали сериозноста на болеста.
Американскиот претседател Џозеф Бајден синоќа соопшти дека се чувствува добро откако бил позитивен на корона вирусот. Во видеото од 21 секунда објавено на Твитер, Бајден рече дека „завршува многу работа“ и дека ќе продолжи со своите должности додека е во самоизолација.
„Американскиот претседател Џозеф Бајден кива, се чувствува уморен и има повремено сува кашлица“, напиша неговиот лекар Кевин О’Конор во писмото што го испрати до прес-секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, откако беше објавено дека се тестирал позитивен на Ковид-19.
Благите симптоми почнаа синоќа, напиша О'Конор, додавајќи дека очекува претседателот позитивно да одговори на третманот.