Со својата позната „јога бонитa“, прекрасната игра, легендарните ѕвезди и рекордните пет титули светски шампионати, Бразил со децении е познат како „земја на фудбалот“. Но, дали сè уште е така?
Земјата на Пеле, Гаринча и Роналдињо, која некогаш го воодушевуваше светот со својот фудбал, нема освоено Светско првенство од 2002 година. Ниту, пак, добитник на Златна топка од Кака во 2007 година.
Со оглед на тоа што „селекао“ моментално се бори да го обезбеди своето место на Светското првенство во 2026 година, многумина во Бразил и пошироко се прашуваат што се случува.
Дури и претседателот Луис Инасио Лула да Силва се приклучи на националнaтa дилема, признавајќи дека Бразил „повеќе не го игра најдобриот фудбал на светот“.
Што се случи?
Исчезнуваат игралишта
Една од причините може да биде што сѐ помалку фудбал се игра на улица, каде некои од бразилските великани како Ривелино, Зико и Ромарио пораснале со топката.
„Никој повеќе не игра на улица. Не слушате приказни за одличен удар што скршил нечиј прозорец“, вели аматерскиот фудбалер Лауро Насименто, со неговиот дрес извалкан со портокалова кал откако играше на еден од ретките преостанати земјени терени во северниот дел на Сао Паоло.
Насименто, 52-годишен финансиски професионалец кој игра за локалната Аурора, скршил неколку прсти додека како момче играло фудбал бос.
Денес, областа Вила Аурора е покриена со бетон. Две згради стојат на поранешна ливада која се користела како фудбалско игралиште.
„Секој отворен простор еднаш беше доволен за децата да почнат да играат фудбал. Денес на нив се гледа како на можност да се изгради првокласен недвижен имот“, вели спортскиот историчар Аира Бонфим.
За пристап до игралишта, сиромашните деца во Бразил денес често зависат од училиштето, социјалните програми или фудбалската академија.
Според студија од 2021 година, само една од пет такви академии е бесплатна.
И многу од тие терени се синтетички, површина за која некои велат дека е помалку развиена за техниката на играчот од нерамните терени во минатото.
Механички фудбал
Намалувањето на времето поминато во спортување имаше „големо влијание врз нашиот фудбал“, вели аналитичарот Ојлер Виктор.
„Има многу Бразилци кои играат во Европа, но многу малку ѕвезди“.
Последната голема надеж на Бразил, Нејмар блесна во Барселона, но не успеа да ја одведе репрезентацијата до титулата светски шампион.
Бразилците сега ги полагаат своите надежи во 23-годишниот Винисиус Јуниор и младиот феномен Ендрик, кој би требало да му се придружи во Реал Мадрид кога во јули ќе наполни 18 години.
Бразил и понатаму е најголемиот светски извозник на фудбалери, но тие носат помалку пари.
Според податоците на ФИФА, клубовите минатата година платиле 935,3 милиони долари за трансфери на 2.375 бразилски играчи, што е пад од речиси 20 отсто во однос на 2018 година, кога бројот на играчи бил помал- 1.753.
Дел од причината лежи во тоа што клубовите плаќаат помалку за млади играчи, но факт е и дека има помалку истакнати ѕвезди.
„Нашата техника е во опаѓање“, вели Виктор Иго да Силва, тренер во младинската академија на Фламенго во Сао Гонкало, недалеку од Рио де Жанеиро.
„Стилот на играта се промени и тоа ни одзеде дел од креативноста. Нашиот фудбал порано беше толку весел. Сега е механички“.
На синтетички терен тренира деца од седум до десет години кои сонуваат да тргнат по стапките на Винисиус, најпознатиот ученик на таа фудбалска школа.
Новите генерации сè уште имаат фудбал во вените, но и проблеми со тренинзите, кои Да Силва ги припишува на нивниот седентарен начин на живот и „зависноста“ од екраните.
Бразил, кој има 203 милиони жители, има повеќе мобилни телефони отколку луѓе.
Повеќе од една третина од децата на возраст меѓу пет и 19 години се со прекумерна тежина или дебели.
Робсон Цимерман, ловец на таленти за клубот Коринтијанс од Сао Паоло, вели дека денешните фудбалери кои доаѓаат се соочуваат со потешки услови, вклучувајќи ја потребата да играат на повеќе позиции и преголемите очекувања од семејството и медиумите.
„Порано, тие едноставно мораа да се грижат за играње фудбал“, вели тој.
Но, Лејла Переира, претседателката на градскиот ривал Палмеирас, актуелен бразилски шампион, инсистира дека Бразил никогаш нема да престане да биде фудбалска земја.
Бразилските тимови ги освоија последните пет јужноамерикански клупски првенства, а Палмеирас освои две од нив.
Клубот е лулка на Ендрик, чија продажба на Реал Мадрид му донесе 65 милиони долари.
„Не се согласувам со оние кои мислат дека бразилските играчи го изгубиле квалитетот. Погледнете ги астрономските суми што ги носат“, вели Переира.
Забава во фавелата
За многумина, Переира, една од најбогатите жени во Бразил, е заштитно лице на нов бренд на бразилски фудбал, повеќе налик на европскиот, со раскошни плати според јужноамериканските стандарди и скапи цени на билетите.
„Со апсурдни плати на играчите, клубовите мора да ги зголемат цените на билетите, што ги исклучува навивачите како мене“, вели навивачот на Фламенго, Давид Сантос.
Во 2019 година, тој основаше клуб на посветени навивачи на Фламенго од сиромашни фавели како него.
Од врвот на сиромашниот кварт со поглед на трендовските области Копакабана и Ипанема, тие создаваат атмосфера на Маракана во деновите на натпреварите, сите се китат со клубски знамиња, печат скараат и пеат навивачки песни додека го гледаат натпреварот на џиновски екран.
„Фудбалот е она што го гледате овде. Тоа е игра на народот. Но, децата на улица како мене веќе немаат пристап до тоа“.