Делови од источна Шпанија под вода, има загинати и исчезнати / Photo: Reuters

Силно невреме ги погоди источните и јужните региони на Шпанија.

Карлос Мазон, шеф на автономната влада на Валенсија на истокот на земјата, објави дека има смртни случаи во некои области.

„Во некои подрачја се пронајдени тела. Потрагата по исчезнатите е во тек. Од почит кон семејствата, нема да даваме дополнителни информации“, соопшти Мазон.

Тој рече дека ова е најголемата катастрофа што го погодила ова подрачје од 1996 година.

Локалните медиуми објавија дека шест лица се водат за исчезнати во Албасете, а едно во Валенсија.

Во вестите се наведува дека неповолните временски услови предизвикале големи штети во источните и јужните предели каде наврнале над 200 литри врнежи на метар квадратен.

Од поројните врнежи поплавени се земјоделски површини, оштетени се стотина возила, паднати се дрвја, руинирани се патишта и мостови и има сериозни нарушувања во копнениот и железничкиот сообраќај.

„Внимателно и вознемирено ги следам информациите за исчезнатите лица и штетите предизвикани од силниот дожд и невремето во последните неколку часа. Дежураат сите служби за итни случаи и цивилната заштита. Да ги избегнеме непотребните патувања“, изјави премиерот Педро Санчез.

TRT Balkan / агенции
Популарни