Претходно денес министерот за здравство Фирас Алабијад објави дека бројот на загинати во вчерашните експлозии на пејџери се искачил на 12, меѓу кои две се деца / Photo: AA

Во новиот бран експлозии на безжични уреди за комуникација низ Либан денес загинаа најмалку девет лица, а над 300 се повредени, соопшти либанското Министерство за здравство.

Ова е втор ден со вакви инциденти и во нив досега загинаа вкупно 21 лице, а повредени се над 3.000 луѓе.

Министерството на својата веб-страница соопшти дека девет лица загинале, а 300 се повредени во новата серија експлозии во земјата.

Освен уредите за комуникација, екплодирале и домашни системи за соларна енергија во неколку области на Бејрут, јавува либанската државна новинска агенција. „Тајмс оф Израел“, пак, објави фотографии од интернет, на кои наводно се гледаат уреди кои се различни од пејџерите кои експлодираа во вторникот

Според весникот, најмалку една од експлозиите се случила во близина на погреб организиран од Хезболах за луѓето кои загинаа во пејџер експлозии претходниот ден. „Неколку воки-токи експлодираа во јужните предградија на Бејрут“, изјави извор за израелската агенција.

Либанскиот привремен премиер Наџиб Микати ја увери јавноста дека вториот бран експлозии на безжични уреди во Либан е завршен и дека нема нови повредени лица во болниците.

Микати ги даде новите информации за време на посетата на Министерството за здравство со цел да се запознае со најновите случувања поврзани со експлозиите на пејџери.

Претходно денес министерот за здравство Фирас Алабијад објави дека бројот на загинати во вчерашните експлозии на пејџери се искачил на 12, меѓу кои две се деца.

„Њујорк тајмс“, повикувајќи се на официјални лица кои сакале да останат анонимни, објави дека Израел го нападна Хезболах вградувајќи експлозивен материјал во пејџери кои во Либан се увезени од Тајван. Либанската група наводно ги нарачала пејџерите од тајванската компанија „Голд Аполо“, но тие биле неовластено манипулирани пред да пристигнат во Либан.

Експлозиите на пејџерите се случија во време на зголемени погранични ескалации меѓу Израел и Хезболах, кои разменуваат прекуграничен оган од почетокот на смртоносната војна на Тел Авив во Појасот Газа, во која од 7 октомври минатата година загинаа речиси 41.300 луѓе, главно жени и деца.

TRT Balkan / агенции
Популарни