Според полицијата, децата биле застрелани со пиштол / Photo: Reuters

Едно дете е убиено, а две се ранети во пукање во основно училиште во Финска во вторникот наутро, а осомничениот, кој според локалните медиуми е исто така малолетник, е уапсен во близина на училиштето.

Престрелката се случила во училиштето Виертола во Вантаа, предградие на главниот град Хелсинки, на кое присуствуваат околу 800 ученици од прво до деветто одделение.

Полицијата во моментов врши увид во училиштето. Од граѓаните беше побарано да се држат настрана од областа.

На прес-конференцијата, која започна во 13 часот по локално време, полицијата извести дека едно дете за жал починало.

„Денеска нешто по 9 часот во училиштето во Виертола дошло до пукање во кое е убиено 12-годишно дете. Уште две деца се тешко повредени. Изразувам сочувство до роднините, соучениците и вработените“, изјави началникот на полицијата, Илка Коскимаки.

Ранетите деца се на иста возраст како и напаѓачот.

Родителите на учениците за локалните медиуми изјавиле дека осомничениот е ученик во шесто одделение во споменатото училиште.

Според полицијата, децата биле застрелани со пиштол.

Од локалното население е побарано да не се приближува до местото на настанот и да не им отвора врата на странци.

Мотивите за нападот, засега не се познати.

TRT Balkan / агенции
Популарни