Ердоган: Со изборите Туркије одржа фестивал на демократијата / Photo: AA

Турскиот претседател и кандидат на претседателските избори Реџеп Таип Ердоган изјави дека се уште не се познати конечните резултати од редовните претседателски и парламентарни избори, но дека веќе е јасно дека тој како претседателски кандидат и неговата политичка опција се во водство.

Ердоган вечерва од Истанбул пристигна во седиштето на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија) во Анкара, каде го дочекаа илјадници симпатизери.

„Со денешните избори Туркије одржа уште еден фестивал на демократијата“, рече Ердоган во традиционалното обраќање од балконот на седиштето на АК Партијата.

Истакнувајќи дека денешните избори биле едни од оние со најголема излезност во историјата на Туркије и дека нема такви избори во светот, Ердоган порача дека е јасно оти победик е неговата земја и народот.

„Верувам дека и првиот круг ќе го завршиме со повеќе од 50 отсто освоени гласови“, рече Ердоган и додаде дека се чекаат конечните резултати и дека ќе ја почитува волјата на граѓаните како што тоа го правел и во минатото.

Граѓаните на Туркије денеска гласаа на редовните претседателски и парламентарни избори, избирајќи меѓу тројца претседателски кандидати, 24 политички партии и 151 независен кандидат за состав на Големото национално собрание, кое има вкупно 600 пратенички места.

Врз основа на прелиминарните и непотполните резултати по 95,45 отсто обработени гласачки места, Ердоган е во водство со 49,5 отсто освоени гласови. Следува Кемал Киличдароглу со 44,09 отсто и Синан Оган со 5,31 отсто. Мухарем Инџе, кој на 11 мај соопшти дека се повлекува од изборната трка, освои 0,47 отсто од гласовите.

Право на глас на изборите имаа 64,11 милиони луѓе, а излезноста беше 88,75 отсто.

Во трката за турскиот парламент моментално се обработени околу 94 отсто од гласовите и во водство е Народната алијанса, предводена од АК Партија со 49,69 отсто освоени гласови. Следува опозициската Национална алијанса, предводена од Народната републиканска партија (ЏХП) со 35 отсто освоени гласови.

TRT Balkan / агенции
Популарни