Г7 повикуваат на деескалација и ставање крај на насилството / Photo: AA

Зголемените тензии на Блискиот Исток претставуваат ризик за поширок регионален конфликт, предупредија синоќа министрите за надворешни работи на земјите од Групата седум (Г7).

„Ние, министрите за надворешни работи на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и Соединетите Американски Држави во Г7 и високиот претставник на Европската Унија ја истакнуваме нашата длабока загриженост поради зголеменото ниво на тензии на Блискиот Исток, што се заканува да разгори поширок конфликт во регионот“, се вели во нивното заедничко соопштение.

Повикувајќи ги сите инволвирани страни да се воздржат од „овековечување на тековниот деструктивен циклус на одмаздничкo насилство, да ги намалат тензиите и да се ангажираат конструктивно кон деескалација“, тие рекоа дека „ниту една земја или нација ќе нема корист од понатамошна ескалација на Блискиот Исток“.

Коментирајќи ја видеоконференцијата на министрите на Г7, италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, кој претседаваше со неа, на Х рече дека повикуваат на деескалација и ставање крај на насилството“.

Тајани рече дека земјите, исто така, ја потврдиле својата посветеност на итен прекин на огнот во Газа и хуманитарна помош за опколената палестинска енклава, додавајќи дека приоритет им е враќање на мирот на Блискиот Исток“.

Тензиите меѓу либанскиот Хезболах и Израел ескалираа откако Тел Авив го уби високиот воен командант на групата Фуад Шукр во воздушен напад врз предградие на Бејрут на 30 јули.

Политичкиот шеф на Хамас, Исмаил Ханије, беше убиен во иранскиот главен град Техеран следниот ден во напад за кој е обвинет Израел, иако Тел Авив не ја потврди или негира својата одговорност.

Хамас и Иран ветија дека ќе се одмаздат за атентатот на Ханије, а Хезболах вети дека ќе одговори за убиството на Шукр.

Стравувањата за војна се зголемија меѓу Израел и Хезболах во услови на повеќемесечна размена на прекуграничен оган.

Ескалацијата се случи во заднина на израелскиот напад врз Газа во кој загинаа речиси 39.600 луѓе од октомври минатата година по нападот на палестинската група Хамас.

TRT Balkan / агенции
Популарни