Над 5,5 милиони бегалци од Украина се привремено раселени во Европа, а најголем дел од нив престојуваат во соседните и околните земји како Полска, Словачка, Унгарија, Молдавија, Романија, Чешка и други. Две третини од нив не планираат да се вратат во домовите се додека не престанат воените дејствија.
Ставовите на украинските бегалци ги регистрираше Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) преку анкета спроведена изминатиот период.
Извештајот „Животите на чекање: профили и намери на бегалците од Украина“, покажува дека бегалците постојано изразуваат загриженост за својата иднина поради тековната војна, која ги спречува да прават долгорочни планови.
Податоците покажуваат дека 16 отсто планираат да се вратат во Украина во следните два месеци, а 15 отсто планираат да останат само привремено за да го посетат семејството, да соберат залихи или да им помогнат на роднините да се евакуираат.
Засега две третини од украинските бегалци планираат да останат таму каде што се. Од тие пак, кои пројавуваат желба да се вратат во Украина речиси 40 отсто од нив тоа би го сториле веќе следниот месец.
Иако во првичните моменти на руската воена инвазија во Украина дојде до голем бран на бегалци, дел од нив веќе се вратија во родните огништа. Според податоците на УНХЦР, околу 8,8 милиони бегалци од Украина се упатија преку домашните граници, но потоа речиси 3,3 милиони од нив се вратиле во сопствената земја.
Најголеми изгледи за враќање во Украина има меѓу бегалците кои потекнуваат од главниот град Киев и неговата околина, додека пак бегалците со потекло од истокот и северот на земјата имаат поголем страв за нивно враќање