Милиони луѓе низ ЕУ ќе гласаат од 6 до 9 јуни за нивните претставници во Европскиот парламент (ЕП), единственото директно избрано тело на блокот и единственото директно избрано транснационално законодавно тело во светот.
Тие ќе изберат вкупно 720 пратеници за петгодишен мандат, кои потоа избираат претседател на ЕП, функција која моментално ја извршува Роберта Мецола.
Кој гласа и каде?
Над 350 милиони гласачи ќе излезат на гласање во сите 27 земји на ЕУ.
Сепак, секоја земја има различен број на места во ЕП, врз основа на нивната големина:
Германија 96, Франција 81, Италија 76, Шпанија 61, Полска 53, Романија 33, Холандија 31, Белгија 22, Грција 21, Чешка 21, Шведска 21, Португалија 21, Унгарија 21, Австрија 20, Бугарија 17, Данска 15, Финска 15 , Словачка 15, Ирска 14, Хрватска 12, Литванија 11, Словенија 9, Летонија 9, Естонија 7, Луксембург 6, Малта 6 и Управата на кипарските Грци на Јужен Кипар 6.
ЕП во моментов се состои од седум политички сојузи: Европска народна партија, Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите, Обнови ја Европа, Зелените/Европската слободна алијанса, Група на европски конзервативци и реформисти, Идентитет и демократија и Левица во Европскиот парламент - ГУЕ/НГЛ.
Политички контекст
Подемот на десничарските партии во некои европски земји може да доведе до промена во ЕП, кое ќе се занимава со неколку критични прашања во наредните години, како што се реформите во земјоделството, миграцијата, климатските прашања, војната во Украина и конкуренцијата со Кина и САД.
Земјоделците ширум континентот почнаа да протестираат на почетокот на 2024 година против зголемениот притисок на регулативите на ЕУ, вклучувајќи ги правилата поврзани со Зелениот договор на блокот и Заедничката земјоделска политика (ЗЗП).
Немирите ја принудија ЕУ да повлече некои прописи во ЗЗП во врска со декарбонизацијата на земјоделството.
Војната во Украина и безбедноста на Европа е приоритетно прашање за земји како Германија, Финска и Литванија, додека економските прашања, вклучувајќи ја корупцијата и трошоците за живот, доминираа во дебатите во други нации како Унгарија, Ирска, Австрија, Хрватска, Белгија, и Грција.
Миграцијата е уште една клучна тема за Европејците, а пратениците на ЕУ го усвоија Пактот за миграција и азил во април за да се справат со ова прашање.
Реформата ветува побрзо испитување на барањата за азил, поефективно враќање и подобар одговор за време на кризи.
Во меѓувреме, климатските промени остануваат извор на поларизација на целиот континент.
Прашањето има значително влијание во германското и данското јавно мислење, додека австриската екстремна десница вети дека ќе се бори против прекумерните мерки за ублажување на климата и политичките трошоци.
Кој ќе биде шеф на Европската комисија
Изборите за ЕП имаат огромно значење за уште една критична позиција во европската политика: шефот на Европската комисија.
Нема директно гласање за функцијата на овие избори, но евентуалните резултати имаат директно влијание.
Тоа е затоа што на шефот на комисијата најпрво му треба признание од квалификуваното мнозинство од 27 лидери на ЕУ, а потоа треба да обезбеди просто мнозинство, најмалку 361 глас од 720-те нови членови на ЕП.
Секоја група која се натпреварува на изборите за ЕП номинираше главен кандидат за шеф на Комисијата на ЕУ, позиција која моментално ја има Урсула фон дер Лајен.
Фон дер Лајен повторно е кандидат за Европската народна партија и се надева дека ќе обезбеди уште еден петгодишен мандат.
Номиниран од Европската левица е австрискиот политичар Валтер Баер, кој беше избран за претседател на партијата во декември 2022 година.
Обнови ја Европа има тројца водечки кандидати: Валери Хајер од Франција, Италијанецот Сандро Гози, генерален секретар на Европската демократска партија и Мари-Агнес Штрак-Зимерман од Германија, шеф на Алијансата на либералите и демократите за Европа.
Европските зелени номинираа двајца водечки кандидати: Тери Рајнке од Германија и Бас Ајкхоут од Холандија, дуо чија работа се фокусира на земјоделството, климатските промени и прашањата за животната средина.
Главниот кандидат за Партијата на европските социјалисти е Николас Шмит, 70-годишен политичар од Луксембург и актуелен еврокомесар за работни места и социјални права.
Идентитет и демократија официјално не именуваше главен кандидат, туку го назначи Андерс Вистисен, 36-годишен дански политичар од екстремната десница, познат по своите антимуслимански ставови, да ја претставува групата во дебатите во ЕУ.
Групата на европските конзервативци и реформисти, во меѓувреме, не номинираше ниту еден кандидат за највисокото место во ЕУ.