Израелскиот парламент одобри контроверзен закон, дел од судските реформи / Photo: Кнесет

Израелскиот парламент (Кнесет) го одобри контроверзниот предлог-закон кој е дел од планот на владата за реформи во судството.

Телевизискиот канал на Кнесет го прикажа усвојувањето во второто и третото читање на законот за ограничување на „стандардот на разумност“, за кој опозицијата вели дека ги намалува овластувањата на Врховниот суд.

Контроверзниот план за реформи во судството, предводен од премиерот Бенјамин Нетанјаху, доведе до 29-неделни масовни протести.

Владата вели дека реформите имаат за цел да ја вратат власта на избраните функционери, но критичарите велат дека тоа е узурпација на власта од страна на Нетанјаху.

Нему му се суди за корупција и утрово е пуштен од болница по итна операција на срцето.

Планот за судски реформи го подели Израел, со силно противење од различни страни, вклучително и војската и бизнис секторот.

Израелската полиција уапси 19 демонстранти во западниот дел на Ал Кудс (Ерусалим) во понеделникот за време на протестот пред зградата на Кнесетот против контроверзните закони за реформи во судството.

„Полицијата продолжува да работи со големи сили за одржување на јавниот ред на протестите на неколку локации во областа на Кнесетот соочена со демонстрантите од кои некои предизвикуваат немири и не ги почитуваат полициските наредби“, се вели во полициското соопштение.

Полицијата информираше дека 15 демонстранти биле уапсени во областа на Кнесетот „за непристојно однесување, блокирање патишта, обид за пробивање на полициските бариери и непочитување на полициските наредби“.

Еден од приведените удрил полицаец, се додава во соопштението.

Се наведува и дека е уапсено лице осомничено за нападот врз министерката Меј Голан во хотел во Ал Кудс и тројца осомничени кои ја затвориле излезната врата од куќата на министерот за економија Нир Баркат.

Тројца полицајци се хоспитализирани поради повреди здобиени за време на протестите.

TRT Balkan / агенции
Популарни