Хамас сака да ја заврши војната и потоа да зборува за заложниците, а Израел ги сака заложниците и сака да ја продолжи војната, рече катарскиот шеф на дипломатијата / Photo: AA

Катарскиот министер за надворешни работи, шеикот Мохамед бин Абдулрахман ал Тани, денес изјави дека израелската воена операција во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, го одложила прекинот на огнот меѓу Израел и палестинската група Хамас.

На Економскиот форум во Катар, шеикот Мохамед рече дека напорите за посредување продолжуваат и покрај тоа што се суспендирани. Тој истакна дека во однос на прекинот на огнот постои фундаментална разлика меѓу двете страни, Израел и Хамас.

„Постои една страна (Хамас, заб. ав.) која сака да ја заврши војната и потоа да зборува за заложниците, а постои уште една страна (Израел, заб. ав.) која ги сака заложници и сака да ја продолжи војната“, рече катарскиот шеф на дипломатијата и додаде: „Сè додека нема заедничко меѓу овие две нешта, нема да има резултати.“

Израелската Армија започна инвазија на Рафа минатата недела и ја окупираше палестинската страна на преминот Рафа со Египет, затворајќи ја единствената порта на Газа кон надворешниот свет.

Хамас минатата недела објави дека го прифатил египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот, но Израел рече дека договорот не ги исполнува неговите клучни барања. Израел брутално го нападна Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.

Во израелските напади на Газа досега се убиени повеќе од 35.150 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 79.000 се повредени.

По повеќе од седум месеци по почетокот на нападот од израелската Армија, големи делови од Појасот Газа се во урнатини, а 85 отсто од населението на енклавата се внатрешно раселени. Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.

Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.

AA
Популарни