Катедралата Нотр Дам, една од познатите историски знаменитости на Франција, која со години се реновира по пожарот што избувна во 2019 година, ќе ги отвори своите врати за посетителите на крајот на годината.
Работите на обновата на 800 години старото историско наследство во главниот град Париз стигнаа до завршната фаза, објави „Франс инфо“.
Филип Јост, претседателот на „Rebatir Notre-Dame de Paris“, јавната организација одговорна за обнова на катедралата, изјави дека остануваат уште помалку од 11 месеци до завршувањето на работата.
Според него, катедралата Нотр Дам ќе биде отворена за богослужба и посети од 8 декември.
Пожар од непознати причини избувна на 15 април 2019 година во катедралата, која се смета за симбол на христијанството во Франција, чии темели ги поставил папата од тој период во 1163 година, а за нејзино завршување биле потребни 300 години.
Една од кулите високи 96 метри и покривот на катедралата, кој за кратко време беше зафатен од пламенот, целосно се урнаа, а зградата беше тешко оштетена.
За обновата на катедралата собрана беше рекордна сума донации од целиот свет во износ од 844 милиони евра.