Мисијата на КФОР, предводена од НАТО, не била во подрачјето кога српската полиција во средата приведе тројца косовски полицајци, но прати тим во тоа подрачје и воспостави контакти со претставниците на косовските институции и српските власти, соопштија од КФОР.
Се наведува дека КФОР, исто така, е во редовен контакт со Мисијата за владеење на правото на ЕУ, ЕУЛЕКС.
„Ги повикуваме двете страни веднаш да ги намалат тензиите и да се воздржат од еднострани акции што би можеле да доведат до понатамошни ескалации“, се истакнува од КФОР, во првата реакција откако во средата беа киднапирани тројца косовски полицајци во пограничното подрачје во северниот дел на Косово.
Се додава дека КФОР ја следи ситуацијата и продолжува во целост да го спроведува својот мандат на Обединетите нации (ОН), врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година, за обезбедување сигурно и мирно опкружување и слобода на движење за сите заедници во Косово.
КФОР продолжува да дава и неопходна безбедносна рамка за придвижување на дијалогот што го води ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
Премиерот на Косово, Албин Курти, вчера пред пратениците на косовското Собрание изјави дека уште го чека одговорот и преземањето ефективни одговорности од КФОР за киднапирањето на тројцата косовски полицајци од српските сили.
Курти рече дека КФОР би требало да интервенира во врска со киднапирањето на полицајците бидејќи одговорноста на таа институција е спроведување заштитна функција, така што ќе ѝ наложи на Србија да ги врати киднапираните полицајци и ќе го казни ова флагрантно кршење на територијалниот интегритет, суверенитетот на земјата и на Кумановскиот договор.