Пожарот кој изби во складиште со нафта во кубанското пристаниште Матанзас, во кој загина едно а повредени беа 125 лица, ставен е под контрола.
Шефот на Националната противпожарна бригада, Авалос Хорхе, соопшти дека пожарот во голема мера е изгаснат, а во тек е акција на ладење на опожарената област.
Додаде дека помали пожари и понатаму беснеат бидејќи дошло до истекување на нафтата, а дека во акциите на гасење им помагаат и колегите од Венецуела и Мексико.
Хорхе им се заблагодари на земјите кои пружаат соработка и рече дека се во тек и активности за проценка на штетата.
Министерството за јавно здравје соопшти дека во болница се наоѓаат 20 лица, а од нив петмина се во тешка состојба.
Локалните претставници претходно соопштија дека причината за пожарот е удар од гром во цистерна со гориво што иницирало верижна реакција.