Бројот на загинати во двата брана експлозии на уреди за безжична комуникација во Либан се искачи на 37, а илјадници се повредени, изјави денес либанскиот министер за здравство Фирас Ал-Абиад.
Илјадници пејџери експлодираа во вторникот во главниот град Бејрут и во повеќе делови низ Либан, при што загинаа 12 лица, од кои две деца, а беа повредени 2.323.
Во вториот бран експлозии на уреди вчера загинаа 25 лица, а повредени се 608.
„Експлозиите го покажаа единството на либанскиот народ во сите делови што се соочија со експлозиите“, рече Ал-Абиад на прес-конференцијата во Бејрут. Тој истакна дека стотици лекари и медицински лица итно им укажале помош на повредените од експлозиите, додавајќи дека 287 повредени лица сѐ уште се на одделенијата за интензивна нега.
Министерот за здравство изјави дека неколку арапски земји, исто така, му понудиле медицинска помош на Либан по експлозиите.
Либанската група Хезболах го обвини Израел дека стои зад експлозиите на уреди и вети одмазда.
Од Израел нема коментар за експлозиите што се случија во период на ескалации на прекуграничната војна меѓу Израел и Хезболах од почетокот на израелската смртоносна офанзива во Појасот Газа, во која од 7 октомври минатата година досега загинаа речиси 41.300 луѓе, главно жени и деца.