Меѓу повредените, 1.404 лица се во критична состојба / Photo: AA

Во тек се операции за пребарување и спасување на луѓето затрупани под урнатините по разорниот земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мароко во саботата.

Акциите продолжуваат во областа Амизмиз во Маракеш, која беше погодена од земјотресот.

Најмалку 2.122 лица загинаа, а 2.421 се повредени во силниот земјотрес што го погоди Мароко, соопшти вчера Министерството за внатрешни работи. Меѓу повредените, 1.404 лица се во критична состојба.

Регистрирани се смртни случаи во неколку региони како Ел-Хоуз, Тарудант, Чичауа, Тизнит, Маракеш, Азилал, Агадир, Казабланка и Јусуфија.

Кралот на Мароко, Мухамед Шести, по земјотресот што ја погоди земјата, прогласи тридневна национална жалост при што знамињата на јавните згради ќе бидат спуштени на половина копје.

Покрај тоа, кралот ја задолжил Владата да формира министерски комитет за програма за обнова на објектите уништени од земјотресот.

Ова е најсилниот земјотрес што ја погодил оваа северноафриканска земја во последните сто години, објави Националниот институт за геофизика на Мароко.

Земјотресот е почувствуван и во соседните Алжир и Мавританија.

Популарни