Над 4.000 луѓе излегоа на маршот во холандските градови за поддршка на бегалците. На 13-та „Ноќ на бегалците“ беа собрани над 1 милион евра донации кои ќе бидат наменети за решавање на проблемите на бегалците.
Маршот од 40 километри треба да го подигне вниманието кон правата на бегалците и нивниот статус, како во Холандија, така и во остатокот од Европа.
„Прашањето за бегалците е се поприсутно и ова претставува голем проблем за човештвото. Постојано на медиумите гледаме застрашувачки снимки. Сега овој проблем е присутен и во Украина“, изјави Тинеке де Врис.
Учесниците маршот го започнаа на полноќ во повеќе холандски градови, меѓу кои Амстердам, Хаг, Ротердам, Утрехт и други, а го завршија наутро по изодени 40 километри.
Целта на маршот е да се укаже на големите дистанци кои бегалците најчесто ги минуваат пеш барајќи спас и подобри услови за живот.
„Тоа е навистина долг пат, но среќна сум што стигнав до крајот. Одев за да видам како им е на бегалците. Тоа што беше навечер навистина долови различна димензија“, посочи Паулин Тимерман, учесничка на маршот.
Советот на Европа и Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации (УНХЦР) упатија апел до владите дека секој што бега од војна, конфликт или прогон или е под ризик од насилство, злоупотреба или експлоатација, има право да бара безбедност и заштита.
Според проценките на меѓународните институции годинава околу 100 милиони луѓе се принудно раселени. Европската Комисија проценува дека 14 милиони луѓе ќе се најдат во слична состојба по руската инвазија на Украина.