Најголемата документирана загуба е 3,6 милијарди долари од јуни 2021 година во аферата „Африкрипт“ / Photo: Reuters

Кибер-нападите и измамите со криптовалути предизвикале штета од најмалку 30 милијарди долари низ светот од 2017 година, покажува новото истражување.

Наведувајќи ги техничките слабости и манипулираните криптовалути како главни причини за загубите, истражувачите од Комплексити Саенс Хаб (Complexity Science Hub) со седиште во Виена, документираа вкупно 1.155 криминални инциденти поврзани со криптовалути од 2017 до 2022 година.

Тие вклучија 16 случаи во првата година од студијата, кои се зголемија на 435 случаи во 2022 година, според студијата, спроведена во соработка со Универзитетот во Монтреал и објавена на веб-страницата на Комплексити Саенс Хаб.

„Меѓутоа, тоа не значи дека не може да има повеќе случаи. Според тоа, сите наши резултати се минимум“, рече Бернхард Хаслхофер, шеф на истражувачката група за криптофинансирање во Комплексити Саенс Хаб.

Убедливо најголемата документирана загуба е 3,6 милијарди долари во јуни 2021 година од „Африкрипт“ (Africrypt), централизирана финансиска платформа со седиште во Јужна Африка.

Новиот проект на Комплексити Саенс Хаб, наречен „ДеФи Трејс“ (DeFi Trace), треба да го олесни следењето на украдените средства во иднина.

Фокусот е првенствено на децентрализираните финансии, форма на финансирање што не се потпира на давателите на централни финансиски услуги како брокери, берзи или банки, туку наместо тоа се заснова на блокчејн, дигитална финансиска технологија што користи повеќе заеднички книги.

Во нивниот нов проект, истражувачите сакаат да развијат методи кои овозможуваат автоматско следење на нелегалните текови на плаќања во секторот „ДеФи“.

Меѓу спонзорите на проектот се три австриски министерства и органите за спроведување на законот на германската покраина Баварија.

AA
Популарни