Официјални лица рекоа дека инцидентот се случил во неделата вечерта во областа Морби, кога мост од британската ера се урна само една недела по реновирањето.      Фото: Ројтерс

Бројот на загинати од уривањето на висечки мост во западната индиска држава Гуџарат се искачи на 141, но тоа најверојатно не е конечната бројка, соопшти официјален претставник.

Девендрасин Јадеја, висок претставник на противпожарната служба во областа Морби вели дека операцијата за спасување продолжила во текот на ноќта и дека бројот на загинати достигна 141 до понеделник наутро.

„Операцијата за спасување сè уште трае“, рече тој.

Официјални лица рекоа дека инцидентот се случил во неделата вечерта во областа Морби, кога мост од британската ера се урна само една недела по реновирањето.

Министерот за внатрешни работи на Гуџарат, Харш Сангави, рано во понеделникот изјави дека 132 лица загинале во инцидентот, но бројката потоа се искачи. Тој на брифинг со новинарите рече дека висок тим од функционери го истражува инцидентот.

Локалната телевизија NDTV во неделата вечерта јави дека имало околу 500 луѓе на мостот кога се урнал.

Локалната администрација во соопштението рече дека „операциите за помош се забрзани од страна на државната влада“ и дека индиската војска исто така учествува во спасувачката операција.

Премиерот Нарендра Моди во неделата рече дека разговарал и со главниот министер на Гуџарат за инцидентот.

Тој побара итна мобилизација на тимови за спасувачки операции.

AA
Популарни