Полска планира да прогласи природна катастрофа поради поплавите / Photo: Reuters

Според првичните информации, во поплавите предизвикани од поројните дождови и невремето во европските земји Романија, Австрија, Полска, Чешка, Унгарија и Словачка животот го загубија најмалку 15 лица, а илјадници луѓе се евакуирани.

Поплавите предизвикани од обилните дождови во Европа во текот на последниве денови може да бидат „најлошата катастрофа“ по онаа што го зафати континентот во 2002 година.

Шест лица го загубија животот во поплавите на истокот на Романија, а оние што живеат во поплавените подрачја беа спасени со чамци од калливите води.

Романското Одделение за вонредни состојби соопшти дека се оштетени околу 5.000 куќи, паднати се голем број дрвја, а сообраќајот е во прекин поради поплавите во градовите Галати и Васлуи.

Соопштувајќи дека наврнале 160 литри дожд на квадратен метар, што е ретка ситуација во земјата зафатена од катастрофата, романскиот министер за животна средина Мирчеа Фекет рече: „Сѐ што правиме во моментов е да спасиме колку што е можно повеќе луѓе.“

Тројца починати во Австрија

Австриската полиција извести дека телата на две лица биле пронајдени во сојузната покраина Долна Австрија која е погодена од поплавите.

Вчера во Долна Австрија животот го загуби и пожарникар, со што бројот на загинати поради поплавите се зголеми на три.

Властите објавија дека опасноста продолжува да се зголемува во Долна Австрија, која е прогласена за област на катастрофа поради поплавите предизвикани од поројните врнежи што се очекуваат и денес.

Стефан Пернкопф, кој раководи со кризниот штаб формиран во Долна Австрија, предупреди дека некои брани во оваа држава може да се урнат поради интензитетот и количеството вода. Во меѓувреме забележано е дека повеќе од 200 улици и автопатишта се затворени за сообраќај во покраината зафатена од поплави.

Јавниот радиодифузен сервис во земјата ОРФ започна кампања за помош за погодените од поплавата.

Полска планира да прогласи природна катастрофа

Пет лица загинаа во поплавите што ја зафатија Полска. Премиерот Доналд Туск за локалните медиуми изјави дека подготвил декларација за катастрофа за да добие помош од Европската Унија (ЕУ).

Полскиот заменик-министер за внатрешни работи Чеслав Мрочек рече дека и Владата може да прогласи ситуација на природна катастрофа. Полскиот Црвен крст во своето соопштение објавено на социјалната мрежа Х предупреди дека ситуацијата може да се влоши.

Силниот дожд, кој трае речиси 48 часа во Краков, Полска, предизвика излевање на реката Висла. Поради излевањето на реката, полициски екипи презедоа безбедносни мерки во регионот и ги затворија патиштата за сообраќај.

Едно лице загина од поплави во Чешка

Началникот на чешката полиција Мартин Вондрасек за медиумите изјави дека едно лице загинало, а седум лица се водат за исчезнати во поплавите што настанале поради поројните врнежи во земјата.

Објавено е дека поголем дел од железничките линии, особено меѓу Австрија и Чешка, се откажани поради поплавите.

Чешкиот претседател Петр Павел на својот профил на социјалните мрежи објави дека во земјата, особено во регионите со ниски приходи многу повеќе се чувствуваат поплавите, па повика на солидарност за овие региони. Поројните дождови предизвикаа поплави и во Јесеник, во чешката област Оломоуц.

Повеќе од 10.500 луѓе се евакуирани поради поплавите во многу региони низ земјата.

Предупредување за поплави од трет степен во Унгарија

Поради врнежите од дожд забележано е сериозно зголемување на водостојот на реката Дунав, која минува низ Будимпешта, главниот град на Унгарија.

Во регионот е издадено предупредување за поплави од трет степен поради зголеменото ниво на водата во реката Дунав. При посетата на регионот со зголемено ниво на водата во реката, премиерот Виктор Орбан изјава: „Ќе биде тешко, но ќе ја надминеме ситуацијата.“

Во Словачка е забележано сериозно зголемување на нивото на реките низ целата земја поради врнежите што не престануваат. Во вестите објавени во локалните медиуми се наведува дека во главниот град Братислава имало прекини во превозот, а поради поплавата откажани се и трамвајските услуги.

Властите го предупредија населението да не се приближува до реките. Метеоролошките одделенија на земјите објавија дека врнежите ќе продолжат со засилен интензитет и во текот на наредните денови.

AA
Популарни