Шпанските власти во средата објавија дека најмалку 51 лице загинало, а седумина се пријавени за исчезнати во поплавите што ја погодија земјата, додека најтешко е погоден регионот на Валенсија.
Водата ги нoсeла автомобилите, по улиците течеле реки, а во прекин беше и железничкиот и патниот сообраќај.
Поројните дождови во вторникот предизвикаа поплави во поголемиот дел од јужна и источна Шпанија. Брзиот воз со речиси 300 луѓе излета од шините во близина на Малага, иако железничките власти соопштија дека нема повредени. Брзите возови меѓу Валенсија и Мадрид се прекинати, како и неколку приградски линии.
Локалните медиуми објавија дека десетици луѓе во Валенсија ја поминале ноќта заглавени во камиони или автомобили, како и на покриви и мостови, чекајќи да бидат спасени. Шпанската државна метеоролошка агенција АЕМЕТ прогласи црвен аларм во регионот на Валенсија и второ највисоко ниво на тревога во делови од Андалузија.
На улиците можеа да се забележат превртени возила, а полицијата и спасувачките служби користеа хеликоптери за евакуација на граѓаните.
Повеќе од 1.000 војници од шпанските единици за одговор при итни случаи се распоредени во погодените области.
Шпанската влада формираше кризен штаб за да помогне во координирањето на спасувачките напори.
Невремето се очекува да продолжи до четврток, соопшти шпанската национална метеоролошка служба.
Шпанија и претходно имаше слични бури наесен. Сè уште се опоравува од силната суша на почетокот на оваа година.
Научниците велат дека зголемените епизоди на екстремни временски услови веројатно се поврзани со климатските промени.