Најмалку 58 лица загинаа, а повеќе од 40 се ранети по пожар во зграда во центарот на Јоханесбург, Јужна Африка, соопштија локалните медиуми и итната помош.
Портпаролот на Службата за управување со вонредни состојби во Јоханесбург, Роберт Мулауџи, рече дека пожарот во четвртокот наутро ја зафатил зградата лоцирана во централната деловна област на градот.
Службите за управување со итни случаи соопштија дека уште 43 лица се повредени во пожарот.
Мулауџи рече дека операцијата за пребарување и опоравување е во тек и веројатно бројот на загинатите ќе се зголеми.
Најмалку едно дете е меѓу загинатите, рече Мулауџи.
Властите соопштија дека пожарот во голема мера е изгаснат, но чад сè уште протекува од прозорците на поцрнетата зграда во центарот на Јоханесбург. Низa чаршафи и други материјали исто така висеа низ некои од прозорците.
Не беше јасно дали луѓето ги користеле тие за да се обидат да избегаат од пожарот или дали се обидувале да го спасат својот имот.
Мулауџи рече дека зградата всушност била „неформална населба“ каде што бездомниците се преселиле барајќи сместување без никакви официјални договори за закуп.
Тој рече дека тоа го отежнувало пребарувањето на зградата.
Можеби во зградата живееле околу 200 луѓе, велат очевидци.